• четврток, 26 декември 2024

Конференција за инструментите за владеење на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ

Конференција за инструментите за владеење на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје денеска организираше конференцијата „Форум Еуропеум 2024: Инструменти за владеење на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ“.

Симонида Кацарска од ЕПИ изјави дека целта е да се дискутира за новите инструменти за унапредување на владеењето на правото во контекст на пристапувањето во ЕУ, во кои е вклучена нашата земја и дел од земјите од регионот од каде што имаше учесници на конференцијата.

-Пред се, механизмот за владеење на правото на ЕУ односно годишните извештаи за владеење на правото коишто ЕК ги подготвува за своите држави членки и од оваа година првпат тука сме вклучени ние, односно Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија, и ова е резултат на заложбата, меѓу другото, на граѓанското општество односно на организации како што сме ние, коишто со години баравме ЕУ да нѐ мери по истите критериуми како своите држави членки. Овие извештаи ги очекуваме до крајот на летото и паралелно со нив, покрај за извештајот за владеење на правото, на денешната конференција говориме за Планот за раст, односно реформските агенди коишто ќе ја постават насоката во која сите држави од Западниот Балкан ќе се движат во реформските процеси за да ги искористат условените средства од Планот за раст коишто ЕК, односно Унијата, ги става на располагање на нашите држави, изјави Кацарска. 

Целта им била, рече, да отворат дискусија заедно со нивните колеги од регионот, но и со претставници од ЕУ за искуствата од користењето на овие механизми односно на владеење на правото. 

-Пред се со фокус на Хрватска, како еден од најблиските примери, меѓутоа и да поттикнеме, односно да застапуваме учество на останатите држави кандидати, како што е Босна и Херцеговина, која во моментот не е вклучена во овие инструменти. За нас босанскиот пример беше исклучително значаен бидејќи е држава којашто допрва треба да ги почне преговорите, заедно со Украина и Молдавија, на коишто им беше даден кандидатски статус и ги започнаа преговорите ова лето, додаде Кацарска. 

На новинарско прашање за очекувања од извештајот за владеење на правото, таа одговори дека не очекуваат многу изненадувања од него и дека веројатно, рече, „во голема мера ќе биде сличен на она што го добивме минатата година од Европската комисија“. 

-Во меѓувреме ја имавме Оценската мисија за Судскиот совет, така што овие системски прашања ќе бидат секако нотирани. Минатата година ние немавме напредок во владеење на правото. Тоа што се очекува од државата и она што го чувме и денеска од Министерството за правда е да си ги адресира прашањата со независноста на судството, функционирањето на Судскиот совет. Секако, ова ќе биде помал извештај без препораки за разлика од она што го добиваме со извештајот за проширување, меѓутоа е многу значаен бидејќи нѐ става на исто рамниште со останатите држави членки, рече Кацарска. 

Во однос на очекувањата за отворање на поглавјата за пристап до ЕУ за време на претседавањето на Унгарија со Унијата и дали е тоа можно без уставни измени, таа одговори дека „тешко и е да го види сценариото во кое ние би почнале кој било од кластерите без уставни измени“.

Иван Новосел од Куќата на човекови права во Загреб смета дека механизмот за владеење на правото е важен за земјите членки бидејќи тој е „прв од овој вид и прв со којшто се разгледуваат стандардите за владеење на правото во земјите членки“.

-Бидејќи досега се сметаше дека земјите кандидати тоа треба да го остварат пред пристапувањето, меѓутоа се покажа дека одредени земји откако ќе станат земја членка во ЕУ се уназадуваат во однос на овие прашања, како што беше примерот со Полска, со Унгарија, но и некои од другите земји членки не беа исклучок од ова. Така, во однос на Хрватска тука се прашања поврзани со медиумите, судството, граѓанското општество, спрегите и кочниците, така што многу е важно што организациите на граѓанското општество се залагаат за унапредување на стандардите за човековите права, изјави Новосел.

Важно е дека Комисијата сега дава препораки, па така Хрватска, рече тој, доби пет препораки. 

-Ние не сме среќни со спроведувањето на препораките, меѓутоа се надеваме дека новиот извештај ќе даде повеќе можности за отворање на еден важен дијалог меѓу владата, граѓанското општество, научната јавност, од една страна, и Комисијата и Агенцијата за темелни права, од друга страна. Ние сметаме дека е важно да постои овој дијалог особено во контекст на бавноста на судството, рече Новосел.

Милена Михајловиќ од Центарот за европска политика (ЦЕП) од Белград зборувајќи за  инструментот за раст и реформи што е дел од Планот за раст, смета дека работите ги почнале на погрешен начин, без консултации што, рече, експлицитно се бараат, „за разлика од Албанија која го почна овој консултативен процес“.

-Меѓутоа, тоа не е случај со Северна Македонија и Србија. Тој е неопходен и предвиден со овој инструмент. Така што, беше испратена погрешна порака од страна на ЕУ и од земјите кандидати со тоа што не се почитуваше законот, не се почитуваше статутот, а на тој начин не се почитуваше владеењето на правото, бидејќи на овој начин всушност целата работа ја почнуваме од погрешна точка и тука е прашањето дали ќе имаме соодветен мониторинг на целиот процес, изјави Михајловиќ.  

Во однос на Агендата за реформа, рече таа, треба да се формира Комитет за мониторинг којшто ќе се состои од претставници од владата, од различни институции заедно со претставници од Европската комисија и дека треба да има препорака или обврска за учество на претставници од граѓанското општество, од парламентот и од локалните власти.

-Ако се креира овој Комитет за мониторинг треба да се овозможи вистински мониторинг, односно целиот процес да се одвива на транспарентен начин и да се има увид во сите документи, не само агендата, туку и сите извештаи што ќе се изработат. Постојат и некои други потешкотии, односно ЕК нема направено оценка на квалитетот на демократијата во овие земји на ист начин како што тоа го прави во однос на Поглавјето за владеење на правото, така што многу е важно да се направи ваква анализа во однос на квалитетот на демократијата во нашите држави, бидејќи тоа е и предуслов за да се има пристап до фондовите, до средствата. Затоа е неопходна една робусна методологија којашто ќе се применува при оценувањето, бидејќи она што забележуваме е дека во однос на демократијата некои држави во регионот, вклучително и мојата, повеќе назадуваат отколку што напредуваат, изјави  Михајловиќ. 

Едо Канлиќ од Транспаренси интернешенл Босна и Херцеговина смета дека додека неговата земја чека да биде вклучена во извештајот за владеењето на правото, мора да работи на постојните механизми, како што е извештајот за напредокот на земјата и да се искористат дадените препораки. Во однос на комуникацијата со ЕУ, во овој момент, како што рече, важен е и изборот на нов комесар за проширување.

-Бидејќи е многу важно, пред се, да е личност со интегритет, но исто така да доаѓа од земја којашто има добро поведение во однос на владеењето на правото и, секако, да не е некој од регионот за да не бидат злоупотребени билатералните спорови во регионот во тој процес. Исто така, важно е изборот на правилни известувачи во Европскиот парламент бидејќи ние од граѓанското општество гледаме на овие известувачи како на наши сојузници во Европскиот парламент, рече Канлиќ.  

Од ЕПИ сметаат дека темата на конференцијата е особено важна во околности кога се случуваат избори во ЕУ, но и во повеќе земји вклучително и во Западен Балкан затоа што се очекува дека резултатите од овие избори значително ќе влијаат на иднината на надворешната политика на ЕУ и на траекторијата на пристапување на земјите кандидатки од Западен Балкан. хс/са/  

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан