• четврток, 26 декември 2024

Контроли и надзори во Општина Центар за справување со аерозагадувањето

Контроли и надзори во Општина Центар за справување со аерозагадувањето

Скопје, 5 јануари 2024 (МИА) - Инспекциските служби на Општина Центар извршија контроли и надзори за справување со аерозагадувањето. Извршена е контрола на активни градилишта во Буњаковец, Центар, Кале и Пролет и изречени се глоби на субјекти кои не ги почитувале мерките за одржување на градилиштата на начин што нема да ја загадува и деградира урбаната средина. 

Исто така, како што соопштија од Општината, спроведен е и надзор на локацијата на Јужен булевар во напуштен објект кој претставуваше црна точка каде што имаше пријави од граѓани за палење на отпад. Со наредба од надлежен инспектор, објектот е заграден со метална ограда и спречено е понатамошно палење и загадување на воздухот.

Инспекциските служби на Општина Центар на изведувачите им налагаат да ги спроведуваат мерките за миење на тркалата од возилата, камионите и багерите како и употреба на церади на камионите за заштита од прашина, секојдневно миење и метење на улиците и тротоарите околу градилиштата.

-Сите градилишта се задолжени да ги спроведуваат мерките согласно Законот за јавна чистота и Законот за животна средина. Доколку не ги почитуваат ќе бидат преземени инспекциски мерки и истите ќе бидат санкционирани, се вели во соопштението на Општината.

Од Општина Центар апелираат до граѓаните да го намалат користењето на возила, а за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.

Исто така, апелираат да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците.

-Општина Центар апелира и до сите надлежни институции координирано да работат за да се надмине алармантната состојба со загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, се вели во соопштението на Општина Центар. бт/нд/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан