• сабота, 23 ноември 2024

Контраадмиралот Риналди нов командант на Операцијата на ЕУ во Медитеранот „Ирини“ 

Контраадмиралот Риналди нов командант на Операцијата на ЕУ во Медитеранот „Ирини“ 

Брисел, 21 јуни 2024 (МИА) - Советот на ЕУ го именува италијанскиот контраадмирал Валентино Риналди за оперативен командант на Воената операција на Европската Унија во Средоземното Море „Ирини“, јави дописникот на МИА од Брисел.  

Контраадмиралот Риналди, кој во периодот од 1 април до 30 септември минатата година ја извршуваше должност командант на силите вклучени во „Ирини“, треба да ја преземе командата со оваа операција на ЕУ од италијанскиот адмирал Стефано Турчето на 19 јули. 

Риналди има долгогодишно искуство во Воената морнарица на Италија раководејќи со различни единици, вклучително и до неодамна како командант на силите во операцијата „Сигурно море“, како и командант на италијанските амфибиски оперативни сили во текот на 2022 година. 

Воената операција на ЕУ во Средоземното Море „Ирини“ беше лансирана на 31 март 2020 година, како конкретен придонес на Унијата во напорите на меѓународната заедница за поддршка на враќањето на мирот и стабилноста во Либија. Сегашниот мандат на „Ирини“ трае до 31 март 2025 година. 

Основната задача на операцијата е да придонесе за спроведување на ембаргото на ОН за извоз на оружје за Либија со помош на воздухопловни, сателитски и поморски средства, преку инспекции на пловни објекти на отворено море во близина на либискиот брег за кои постои сомнеж дека превезуваат оружје или воена опрема. Дополнително, во рамки на операцијата се прибираат и информации за незаконскиот извоз на сурова нафта и рафинирани нафтени деривати од Либија, како и за шверцот и трговијата со луѓе. 

Во операцијата „Ирини“ се вклучени поморските и воздухопловните сили на Грција, Италија и Франција, а со свои авиони во мисијата учествуваат и Германија, Луксембург и Полска. сп/

Фото: Совет на ЕУ

Остани поврзан