• сабота, 28 септември 2024

Конструктивен состанок за електричното поврзување меѓу Кипар и Грција, разговорите ќе продолжат

Конструктивен состанок за електричното поврзување меѓу Кипар и Грција, разговорите ќе продолжат

Атина, 11 септември 2024 (МИА) – Маратонскиот состанок за електричното поврзување меѓу Кипар и Грција, што вчера се одржа во премиерската плата во Никозија организиран од кипарскиот претседател Никос Христодулидис со учество на сите инволвирани страни не донесе конечен договор, но според министрите за енергетика на двете земји „дискусијата ќе продолжи“, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис, како што информираа од неговиот кабинет, истакнал дека разговорите биле конструктивни. 

По средбата, министерот за енергетика на Кипар Јоргос Папанастасиу рече дека на долгиот состанок имало конструктивна дискусија и е нешто што „треба да продолжи и ќе продолжи со консултации меѓу страните“.

Во однос на тоа дали постои временски рок за завршување на консултациите истакна дека „нема ултиматуми“ и ќе продолжат од точката каде што започнаа вчера.

-Имавме конструктивна дискусија. Страните ги разбираат позициите на секоја страна, на другата страна и во суштина оваа работа треба да продолжи, рече надлежниот кипарски министер и побара „време и трпение“ од новинарите.

Од друга страна, министерот за енергетика и животна средина на Грција, Теодорос Скилакакис, кусо порача дека „средба беше конструктивна, работата продолжува“.

Проектот „Great Sea interconnector“ во висина од околу два милијарди евра предвидува поврзување на Кипар со Европа преку Грција, а електричниот кабел во иднина да се прошири до Израел со што ќе биде најдолгиот подморски кабел во светот во вкупна должина 1.208 километри. ср/сд/

Фото: Канцеларија за медиуми и информации на Кипар

Остани поврзан