• четврток, 26 декември 2024

Конкурс за 15. Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Конкурс за 15. Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Скопје, 1 јуни 2024

Кабинетот на поранешниот македонски претседател Иванов информира дека 15-та Меѓународна обука за млади лидери на претседателот Иванов ќе се одржи во периодот од 1-13 октомври 2024 година. Денес е објавен конкурсот за учесници на школата која ќе биде на темата „Лидерство за мир“. Рокот за аплицирање на конкурсот е до 30 јуни 2024 година. 

Програмата на 15-та Школа за млади лидери на претседателот Иванов се организира комбинирано, онлајн и во Охрид. Таа е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и нивната околина. 

Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници и тимска работа на проектна задача. Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Со планираните активности во програмата се стремиме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери. Да иницираат промени и да ги предводат, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, да одговараат подготвено и да иницираат решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да вложуваат во својот професионален и личен напредок. 

Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот. 

Повеќе информации за конкурсот во објавите на веб страната и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери (https://youngleaders.com.mk/mak/apliciraj/, https://youngleaders.com.mk/apply/, https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/, https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 14 обуки учествуваа околу 550 млади луѓе од Македонија и од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Над 350 предавачи и говорници од Република Македонија, Европа и светот одржаа предавања пред четиринаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери. Во 2018 година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. 

 

Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан