• сабота, 23 ноември 2024

Конгрес: Сведочење на „свиркач“ за „мрачната зима“ ако не се постигне координиран одговор на коронавирусот во САД

Конгрес: Сведочење на „свиркач“ за „мрачната зима“ ако не се постигне координиран одговор на коронавирусот во САД
  Вашингтон, 14 мај 2020 (МИА) Врвен експерт на федерален оддел задолжен за вакцини и борба со заразни болести, денеска на сведочење во американскиот Конгрес истакна дека без соодветни мерки, коронавирусот може да го засени и шпанскиот грип од 1918 година. Д-р Рик Брајт, кој до неодамна работеше како заменик во Министерството за здравство и специјалист за развој на вакцини во Управата за биомедицински напредни истражувања (БАРДА), беше сменет поради тоа што алармираше за опасноста од коронавирусот уште во јануари, и се противеше на нарачки и употреба на неиспробани лекови како хидрокси хлорокин, форсирани од претседателот Доналд Трамп за лечење на Ковид-19, пренесе Си-ен-ен. Во својот настап пред панел од конгресмени од подкомисијата за здравство на Комисијата за енергетика и комерција при Претставничкиот дом, Брајт укажа за погрешноста на користење на хидрокси хлорокин како „недокажан препарат“. Брајт минатата недела поднесе жалба на „свиркач“ во независна државна агенција за надзор (ОСЦ) за несоодветни одлуки и пропусти во работењето на високи официјални лица во Министерството за здравство на почетокот на кризата. Според материјалите од жалбата, федерални официјални лица непотребно порачале огромни количини на хидрокски хлорин од Пакистан и Индија. Од друга страна, уште на почетокот на кризата тој советувал употреба на лекот ремдесивир, средство кое се покажа дека помага на болните од Ковид-19. Според податоци од истражување изведено врз повеќе од 1.400 пациенти во Њујорк, објавени во списанието на Американската медицинска асоцијација, хидрокски хлорин не бил воопшто полезен за пациенти со Ковид-19 и кај нив значително се зголемил ризикот од запирање на работата на срцето. -Прозорецот за одговор на оваа пандемија се затвора затоа што сеуште немаме стандарден, централизиран и координиран план за нацијата да оди напред во тој одговор, изјави Брајт. Пред комитетот тој предупреди дека земјата можа да навлезе во „најмрачната зима во модерната историја“, ако Администрацијата не реагира молскавично, а Американците со „нетрпение“ чекаат да излезат од своите домови. Според Си-ен-ен, ова е прилично драматично предвидување, затоа што се проценува дека од Ковид-19 може да умрат повеќе од 675 илјади Американци, колку што починале за време на шпанскиот грип во 1918 година. Брајт истакна дека може да има недостаток од вакцина, ако САД веднаш не започнат да планираат за нејзина широка дистрибуција. -Не постои ниту една компанија што може да произведе доволно како за нас така и за целиот свет, затоа снабдувачката со вакцина ќе биде ограничена, предвидува Брајт. кб/

Остани поврзан