Конгресна делегација од САД во Романија: Безбедноста на Црното Море во фокусот
- Делегацијата ја предводи искусниот републиканец Врн Бјукенен, конгресмен од 2007 година, а во составот има претставници и од Републиканската и од Демократската партија.

Вашингтон, 14 април 2025 (МИА) - Делегација на Конгресот на САД денеска пристигнува во Романија, јави телевизијата Диџи 24, истакнувајќи дека ова е прва посета на високи американски претставници по стапувањето на должност на новата администрација во Белата куќа.
Фокусот на официјалната посета е зајакнување на билатералните односи и разгледување на стратешки теми, меѓу кои и безбедноста во регионот на Црното Море, наведува медиумот.
Делегацијата ја предводи искусниот републиканец Врн Бјукенен, конгресмен од 2007 година, а во составот има претставници и од Републиканската и од Демократската партија.
Посетата беше потврдена за телевизијата Антена 3 Си-Ен-Ен од страна на претседателскиот советник Кристијан Диаконеску. Тој изјави дека стратешкиот дијалог меѓу САД и Романија продолжува на високо ниво и дека оваа посета е „показателна“.
Диаконеску додаде дека ќе се разговара за стратегијата за безбедност во Црното Море, иницирана од Конгресот на САД минатата година, како и за теми поврзани со поништените претседателски избори од минатата година, за кои, како што рече, „Романија ќе даде одговори и гаранции“.ссм/
фото: архива