• четврток, 26 декември 2024

Компанија Даст мобајл: Секој паметен телефон може да биде прислушуван

Компанија Даст мобајл: Секој паметен телефон може да биде прислушуван

Лил, 7 април 2023 (МИА) - Секој паметен телефон може да се прислушува и шпионира без да се инсталира специјален софтвер за таа цел, предупреди денеска компанијата Даст Мобајл (Dust Mobile) на Меѓународниот форум за кибер безбедност во Лил, на северот на Франција.

„За 500 долари месечно на дарк нет (кој не е видлив на обичните пребарувачи), хакер може, само знаејќи го телефонскиот број, да го лоцира вашиот телефон од далечина и без ваше знаење, да пресретнува и слуша повици и да има пристап до вашите пораки. “ соопштија од компанијата.

Компанијата прецизира дека хакер може дури и да промени некои пораки и да ги испрати на некој друг од вашиот број. Може да остварува и телефонски повици од вашиот број.

Компанијата разви систем за заштита од овој малку познат ризик од хакирање. Овој систем може да открие дали хакерите користат некои безбедносни дупки на SIM-картичките или системите што овозможуваат комуникација помеѓу две лица кои немаат ист оператор.

Овие недостатоци се присутни уште од самиот почеток, бидејќи овие протоколи за комуникација помеѓу операторите првично беа дизајнирани без заштита бидејќи само операторите имаа пристап до овие протоколи.

Сега секој може потенцијално да има пристап. Мобилната компанија Даст создаде заштитна СИМ-картичка која во случај на хакерски напад го активира алармот и веднаш го блокира нападот. Ваквата картичка е особено наменета за компании и владини институции.

Картичката може да детектира и напади од таканаречениот систем IMSI-Catcher, кој го користат разузнавачките служби.

Хакерските напади на мобилните телефони стануваат сè пософистицирани, со софтвер дискретно инсталиран на телефонот и шпионирање на неговата содржина.

Еден од најпознатите такви софтвери е Пегаз. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан