• четврток, 26 декември 2024

Компанијата „Инграм Микро“ отвори тренинг центар во Скопје 

Компанијата „Инграм Микро“ отвори тренинг центар во Скопје 

Скопје, 29 март 2024 (МИА) – Компанијата „Инграм Микро“ денеска во Скопје отвори тренинг центар кој нуди комплетно портфолио на системски и софтверски курсеви со модули кои одговараат на секој метод на учење. Помеѓу понудените курсевите, дизајнирани да го надградат знаењето на поединците со цел тие успешно да функционираат и напредуваат во дигиталниот свет се Check Point, Veeam, Veritas, VMWare, Kaspersky, Radware и IBM.

На денешното отворање на центарот, Филип Силјановски, генералниот менаџер на „Инграм Микро“ за Северна Македонија, Албанија и Косово, истакна дека новиот тренинг центар во Скопје е само уште еден доказ за стремежот кон постојано проширување.

- Од самото основање сме позиционирани како лидери за технологија и логистика, а нашиот успех се темели на постојаните иновации, врвниот кадар и желбата за постојан напредок, а тоа се докажува со нашето дејствување во над 160 земји ширум светот. Новиот тренинг центар во Скопје е само уште еден доказ за нашиот стремеж кон постојано проширување, а мене лично особено ме радува проширувањето во земјава и регионот, истакна тој.

Според него, новоотворениот центар во Скопје претставува огромна придобивка за ИТ заедницата во Северна Македонија, а нивните курсеви, како што рече, даваат знаење за решавање на сите системски предизвици, како и за надградување на бизнисите согласно индивидуалните потреби.

Раководителот на техничкиот оддел за Југоисточна Европа на „Инграм Микро“, Игор Урошевиќ, на отворањето ги сподели успесите на тренинг центарот во Србија, нагласувајќи дека сите обуки на „Инграм Микро“ се засновани на практични искуства и дека им обезбедуваат на учесниците да ја разберат темелно заднината на технолошките текови и да ги практикуваат сценаријата во реалниот свет.

- Информатичката технологија и вистинските решенија денес се менуваат толку брзо што е многу тешко да се следи оваа динамика дури и за квалификуваните инженери. Технолошката експертиза станува подвижна цел, наместо статична и предефинирана крива на учење како што беше пред неколку години. За ИТ професионалците денес е задолжително да инвестираат во својата експертиза и вештини со цел да останат конкурентни на ИТ пазарот и Центарот за обука „Инграм Микро“ е тука за да им помогне во секој чекор од ова патување, потенцираше Урошевиќ.

Говорниците, на отворањето на Центарот порачаа дека и понатаму ќе работат интензивно со цел да ја задржат заслужената титула на глобален лидер во ИТ индустријата, а преку специјализираните курсеви, ќе создаваат врвни професионалци кои ќе бидат заслужни за напредокот на дигиталниот свет и ќе имаат соодветна експертиза да се справат со сите предизвици.

Тренинг центарот обезбедува и соодветна персонализирана услуга, односно, нуди можност за целосна поддршка во однос на изборот на адекватен курс, како и во однос на потребите за надградување на знаењето.

Обуките ги спроведуваат врвни професионалци кои се вработени во „Инграм Микро“ и имаат долгогодишно искуство во своето работење.

Компаниите кои ќе ги користат услугите на Центарот, за три или повеќе лица добиваат дополнителен попуст, како и они кои следат повеќе курсеви.

Компанијата „Инграм Микро“ е основана во 1979 година во Америка. На нејзините системски решенија се потпираат голем дел од светските брендови како и помалите бизниси. Компанијата има над 160 претставништва ширум светот, како и илјадници вработени кои ги диктираат најновите трендови во ИТ индустријата. ар/ац/

Фото: Инграм Микро

Остани поврзан