• четврток, 26 декември 2024

Комората на трговски друштва за вршење на геодетски работи од Владата бара враќање на јавните овластувања на Комората

Комората на трговски друштва за вршење на геодетски работи од Владата бара враќање на јавните овластувања на Комората
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) - Комората на трговски друштва за вршење на геодетски работи  од Владата бара враќање на јавните овластувања на Комората, промени во структурата на Управниот одбор на Комората со донесување на ново законско решение, прецизни насоки за усвојување на нов Тарифник и вклучување на Комората во подготовка на сите нови законски решенија, порача претседателот на Комората, Никола Рибароски. Рибароски, на денешната прес-конференција, потенцираше дека голем дел од геодетските друштва се доведени во работ на егзистенција поради непостоење на конструктивна соработка меѓу Комората и Агенцијата за катастар на недвижности, и исто така дека актуелен проблем со кој се соочува Комората е  одземањето на јавните надлежности за издавање/одземање на лиценци за вршење на геодетски работи на Комората од страна на Агенцијата. - Агенцијата ги одзема јавните овластувања на Комората, која законски е независна, поради одлука на Управниот одбор на Комората, во чие донесување учествуваа тројца делегирани членови во Управниот одбор од редовите на Агенцијата. Ова го отвора следниот проблем со кој се соочуваме уште од 2013 година односно од кога е донесен постоечкиот закон за катастар на недвижности, а тоа е начинот на функционирање на УО на Комората, кој се состои од 7 членови од кои 4 се избираат на собранието на Комората, а тројца се назначуваат од директорот на Агенцијата, нагласи Рибароски. Според него, овој начин на избор директно ја ограничува законски пропишаната независност на Комората. -Во овој случај има и ситуација на судир на интереси, бидејќи Агенцијата го контролира работењето на Комората и има  тројца членови во УО кои ја водат Комората, истакна Рибароски. Тој исто така го потенцираше и проблемот со Тарифникот за висина на надоместок за извршени геодетски работи кој не е променет од 2013 година. -Комората во 2019 година подготви нов предлог-тарифник и го достави до Агенцијата, која пак по две години се изјасни дека истиот не може да биде прифатен бидејќи не е запазена методологијата пропишана во Законот за катастар на недвижности. Ниту во Законот, ниту во подзаконски акт не е пропишана оваа методологија на која Агенцијата се повикува, посочи претседателот на Комората. Рибароски истакна дека за надминување на овие проблеми потребни се итни и конкретни решенија за чие донесување е неопходно да се заземе Владата, бидејќи и покрај сите залагања не може да воспостави конструктивна соработка од Агенцијата за Катастар на недвижности за да може заеднички да се креираат услови за опстојување, унапредување и развој на професијата. -Во изминатиот период остварени се неколку средби, но тие не придонесоа за позитивен развој на работите. Затоа Комората јавно бара Владата да се заложи за реализирање на следните активности: враќање на јавните овластувања на Комората со цел да нема дисконтинуитет во работењето на геодетските друштва, промени во структурата на УО на Комората со донесување на ново законско решение, прецизни насоки со кој би се усвоил нов Тарифник, вклучување на Комората во подготовка на сите нови законски решенија како би можело кога тие ќе се носат да бидат апликативни и одржливи решенија кон ќе придонесат за развој на секторот, нагласи Рибароски. сх/вј/    

Остани поврзан