• четврток, 26 декември 2024

Комората на геодети и Градежниот факултет потпишаа Меморандум за соработка

Комората на геодети и Градежниот факултет потпишаа Меморандум за соработка
Скопје, 27 септември 2022 (МИА) - Комора на трговски друштва за геодетски работи потпиша Меморандум за соработка со Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје, со што се официјализираше долгогодишната успешна соработка која ја негуваат двете институции, но и се продлабочува, а со цел унапредување на геодетската дејност во државава. Меморандумот за соработка потпишаа м-р Никола Рибароски, претседател на Комората на геодети и проф. д-р Златко Србиноски, декан на Градежниот факултет, соопшти Сојузот на стопански комори. - Со Градежниот факултет, односно со катедрите за геодезија и за виша геодезија имаме извонредна соработка во насока на поддршка, организирање и учество на научни и професионални состаноци, конференции, симпозиуми, професионална поддршка од наставниот кадар за развој на дејноста, обезбедување студентска пракса за студентите; поддршка за нивно учество на настани и натпревари во земјава и странство; обезбедување награди и признанија за различни достигнувања на студентите, а со овој меморандум соработката ќе ја продлабочиме во насока на едукативни активности и обуки по потреба за членовите на Комората, како и  формирање експертски тимови за изработка на предлог документи за законски и подзаконски решенија. Овој Меморандум е всушност е олицетворение на она што досега е сработено и формално истакнување на  заложба за уште повеќе активности во наредниот период за надминување на предизвиците со кои се соочува геодетската професија во овој специфичен период, изјави м-р Рибароски. Деканот на Градежниот факултет истакна дека потпишувањето на Меморандумот е важно бидејќи Факултетот, Комората и Агенцијата за катастар на недвижности ги претставуваат трите носечки столба на македонската геодезија. - Со овој Меморандум се крунисува 15 годишнината исклучително успешна соработка помеѓу нашите институции, која започна со основачкото собрание на Комората кое се одржа во просториите на Градежниот факултет. Имаме интензивна соработка која вклучува научна и практична дејност, како и користење на просторните капацитети на факултетот во функција на едукација на овластените геодети. Од друга страна Комората ја поддржува издавачката дејност, а факултетот и што е од особено значење ги поддржува активностите на студентите по геодезија. Уверен сум дека овој Меморандум уште повеќе ќе ја интензивираме соработката помеѓу Факултетот и Комората со крајна цел достигнување на европските вредности и стандарди на полето на геодезијата, истакна проф. д-р Србиноски. Комората на трговски друштва за геодетски работи е воспоставена во 2008 година како професионална, независна и непрофитна организација со јавни овластувања кои се однесуваа на постапката за стекнување на лиценца за вршење оперативно – теренски работи. Во неа членуваат околу 136 правни лица. Искуството на Комората покажува дека  работењето на приватните геодетски фирми во нашата земја е на високо професионално ниво, и приватниот геодетски сектор претставува неопходен сервис на граѓаните во сферата на геодетските услуги, чиишто проблематики во најголем број случаи се поврзани со решавање на сопственоста на земјиштето и недвижниот имот, информираат од Сојузот на стопански комори. рп/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан