• четврток, 26 декември 2024

Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД изгласа предлог закон за борба против корупцијата во Западен Балкан

Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД изгласа предлог закон за борба против корупцијата во Западен Балкан

Вашингтон, 17 април 2024 (МИА) - Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат изгласа закон што има за цел да ги зголеми трговијата и инвестициите меѓу САД и Западен Балкан, и да се помогне во борбата против корупцијата.

Демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин, и сенаторот, Роџер Викер, републиканец, автори на законот што е од 2022 година, го поздравија нејговото изгласаување. Коспонзори се сенаторите Том Тилис, Дик Дурбин, Бен Кардин, Крис Ван Холен и Крис Марфи.

-Комитетот за надворешни работи при Сенатот на САД денеска испрати порака за обновена посветеност на земјите од Западен Балкан со унапредување на моето двопартиско законодавство., изјави Шхин.

Според неа, овој законски проект дава внимание на можноста за продлабочување на посветеноста на САД во инвестиции во регионот, преку зајакнување на трговската и економската соработка и заострување на алаткита за справување со злонамерните влијанија, корупцијата и другите напори кои се обидуваат да ги поткопаат демократските аспирации на регионот.

-Што е најважно, доколку биде донесен овој закон, тој ќе ги кодифицира извршните наредби за справување со корумпираното однесување на Западен Балкан, со што ќе стане јасно дека САД нема да толерираат напори за поткопување на мирот и стабилноста во регионот, рече сенаторката по синоќешното одобрување на законт, додавајќи дека ќе продолжи да работи со сенаторот Викер за нејзино целосно усвојување.

Покрај искоренување на корупцијата, во законот се наведува и дека САД ги признаваат јазиците на Западен Балкан и оти ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот.

Предлогот вели дека „корупцијата продолжува дa биде тежок предизвик за Западен Балкан и претставува една од најголемите препреки за понатамошен економски и политички развој во регионот“.

Се нагласува и кампањите за дезинформации насочени кон Западен Балкан кои го загрозуваат „кредибилитетот на западните демократски институции и интегритетот на националните избори“.

-Корупцијата и дезинформациите се шират во политички средини со автократски контроли или партиски конфликти. Зависноста од руските извори на природен гас за земјите од Западен Балкан ги поврзува нивните економии и политики со Руската Федерација и ги попречува нивните аспирации за европска интеграција.

Шахин, претседавачка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, е конгресен лидер за политиката на САД кон Балканот.

Таа предводеше три делегации на Конгресот во регионот во изминатите две години, а последната делегацијата ја предводеше со американскиот сенатор Питер Велч, во Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Шахин заедно со демократскиот сенатор од Вермонт Питер Велч и републиканските сенатори од Небраска и Северна Каролина Пит Рикетс и Том Тилис, минатиот месец спонзорираа резолуција во Сенатот според  која САД го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија.

Во резолуцијата, Сенатот ги повика претседателот и државниот секретар на САД, како и европските сојузници, да се залагаат за отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови. кб/сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан