• петок, 27 декември 2024

Комитетот за животна средина на ЕП треба да решава за поддршката на Хукстра за нов еврокомесар  

Комитетот за животна средина на ЕП треба да решава за поддршката на Хукстра за нов еврокомесар  

Брисел, 3 октомври 2023 (МИА) - Комитетот за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната на Европскиот парламент реши одлуката за поддршка на номинацијата на поранешниот холандски министер за надворешни Вопке Хукстра за нов еврокомесар за климатски активности да ја донесе денеска попладне. 

Хукстра вчера одговараше на прашања на членовите на Комитетот околу неговите визии за еколошката политика на ЕУ, но тие не се изјаснија за неговата номинација по завршување на сослушувањето како што беше предвидено, туку решија за тоа да одлучат по денешното сослушување на еврокомесарот за меѓуинституционални односи, Словакот Марош Шефчович, кој е номиниран за извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор. 

Функциите извршен потпретседател ЕК за Европскиот зелен договор и еврокомесар за климатски активности останаа празни по оставката на Франс Тимерманс, кој во август официјално се повлече од Европската комисија за да го предводи блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на предвремените парламентарни избори во Холандија закажани за во ноември и да биде кандидат за премиер на оваа коалиција.  

Доколку Комитетот ги поддржи номинациите на Хукстра и Шефчович, гласањето за нивно именување на пленарното заседание на ЕП треба да се одржи в четврток.  

Во текот на вчерашното сослушување, Хукстра, кој доаѓа од редовите на десноцентристичката партија Христијанско демократски повик (ЦДА), вети континуитет на досегашната зелена политика на ЕУ и амбиции за нејзино спроведување и достапност, но се соочи и со прашања на европратениците за „комерцијалните позиции“ што ги имал во нафтената компанија „Шел“ пред 20 години, а не беше одмината ниту петицијата против неговото назначување на функцијата во ЕК, која досега собра околу 100.000 потписи. 

Во делот на планот за намалување на емисиите на стакленички гасови за 90 отсто до 2040 година, во согласност со препораката на Европскиот научен советодавен одбор за климатски промени, Хукстра изјави дека ќе работи на остварување на таа цел и се заложи за забрани на субвенциите за фосилни горива од Буџетот на ЕУ, како дел од глобалните напори за борба против климатските промени. 

Во однос на Глобален самит за климата во Дубаи, што треба да почне на крајот на ноември, Хукстра рече дека ќе се залага за „напорите на ЕУ за тројно зголемување на глобалниот капацитет за обновлива енергија, глобална енергетска ефикасност и за постепено укинување на фосилните горива“. 

Главни противници на номинацијата на Хукстра беа европратениците на групата на Зелените, кои потсетија дека Европската народна партија (ЕПП), чија членка е ЦДА на Хукстра, во јуни се обиде да го блокира Закон за обнова на природата на ЕУ, кој на крајот сепак беше поддржан со тесно мнозинство од страна на Европарламентот. 

Особено гласни во противењето на номинацијата на Хукстра беа европратениците од Холандија од редовите на Зелените и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), кои му забележаа дека неговата досегашна биографија укажува дека не е голем поборник на заштита климата, а го обвинија и дека пред Комитетот го говори она што сакаат да го слушнат неговите членови за да го поддржат неговиот избор. 

На ваквите забелешки реагираа европратениците од ЕПП, кои оценија дека предизборната кампања во Холандија влијае врз позицијата на некои членови на Комитетот. 

По неколку часовна дискусија, Комитетот синоќа ја прекина расправата и реши носењето на конечната одлука околу именувањето на Хукстра да го одложи за денеска, кога треба да се изјасни и за номинацијата на Шефчович. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан