• сабота, 23 ноември 2024

Комисијата за финансирање на буџет не го усвои амандманот на СДСМ за зголемување на платите 

Комисијата за финансирање на буџет не го усвои амандманот на СДСМ за зголемување на платите 

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва, во рамки на првиот ден од амандманската расправа за предложениот ребаланс на буџетот, не го усвои првиот амандман предложен од СДСМ, со кој опозициските пратеници бараат да се обезбедат 200 милиони евра за зголемување на платите и надоместоците, „согласно обврските од законската регулатива и потпишаните колективни договори“.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против и во расправата истакнаа дека е „иронично, лицемерно и популистички“ СДСМ да се прикажува како спасител на правата на работниците кога ги довел до оваа состојба. Сметат дека ако биле искрени и навистина се грижеле за работниците, на тоа требало да мислат кога го креирале буџетот за 2024 година и да ги планираат парите за покачување.

Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека се за зголемување на платите и тоа ќе го планираат со буџетот за следната година, но дека ребалансот е најоптимално решение за да се спаси, како што рекоа, „масакрираниот буџет“ и да се наменат средства онаму каде што се најнеопходни.

Сметаат дека не само што не мислеле за повисоки плати, туку претходната власт на СДСМ и ДУИ ги оставила и без плата вработените во некои претпријатија, како Национални шуми и Водостопанство. Не се предвидени, како што рекоа, ниту обврските на државата кон земјоделците, пензионерите и студентите.

Драган Ковачки обвини дека и покрај огромниот буџет од 5,3 милијарди евра, претходната влада „ја направиле државата најсиромашна и со најнизок раст на БДП од 1,6 процент“, како што рече, најслаб од цел регион.

-Никој не знае каде отидоа парите, нема проекти во изминатите седум години. Ако биле предвидени средства, зошто не биле исплатени во Национални шуми и во Водостопанство. Врв на хипокризија е да не исплаќаат, а сега бараат зголемување, рече Ковачки.

Душко Иванов укажа дека Владата на СДСМ и ДУИ предвидела по основ на плати многу помала сума од таа што сега ја бара со амандманот.

-Многу лицемерно. Оставивте буџет дизајниран само за шест месеци, во катастрофална состојба... СДСМ и ДУИ намерно и тенденциозно не предвиделе средства за преземените обврски, а државата ќе мора да ги сервисира за да не се прошири буџетскиот дефицит, рече Иванов.

На пратеникот и ексминистер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој е еден од предлагачите на амандманот, му рече дека само во МВР за судски решенија по основ на оштетени работнички права мора да се обезбедат 20 милиони евра.

Пратеникот Јане Мицевски додаде дека во шест месеци од 2024 „реализирале 71 отсто за тековна година и го опустошиле буџетот што ние го наследивме“. Како што рече, државата е банкротирана и пред колапс.

-Најтрагично е што тие што ја довеле во ваква ситуација, сега кажуваат како треба и поднесуваат амандмани. Целта е да ја забават постапката за носење на ребалансот. Не ги интересираат ниту работнички права, ниту колективни договори, рече Мицевски и ги повика пратениците од СДСМ да ги повлечат амандманите што ги имаат поднесено за ребалансот да биде побрзо усвоен во интерес на граѓаните.

Драгана Арсова истакна дека предложениот ребаланс е најоптималното решение со оглед на затекнатата состојба на буџетот.

-Требаше за платите да мислите додека бевте на власт... Треба да ги видиме даночните приходи што влегуваат во буџетот кои воопшто не се зголемени додека бевте на власт, рече пратеничката на амандманската расправа по предложениот ребаланс на буџетот која ќе продолжи утре. хс/нд/

Фото: Принтскрин

 

 

Остани поврзан