• сабота, 23 ноември 2024

Комисијата за култура расправаше за подготовка на Предлог програмата за одбележување значајни настани

Комисијата за култура расправаше за подготовка на Предлог програмата за одбележување значајни настани

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Пратениците на денешната седница на Комисијата за култура дебатираа за активностите за подготовка на Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2024 година.

Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нема полза да се отвора дискусија бидејќи се заглавува програмата, односно не се завршува процедурата до крајот.

Како што рече, програмата неколку години по ред не се објавува во Службен весник.

-Институциите не ни праќаат ни предлози, бидејќи не се објавува програмата. Која е причината зошто оваа програма не се објавува во службен весник, односно истата не се гласа на пленарна седница, рече Серафимовска.

Необјавување на програмата, според неа, е државотворна грешка.

Таа додаде дека ова е сериозен проблем и испрати апел да се отвори дискусија и да се види каде е проблемот.

Пратеникот Бајрам Кадриу од ДУИ рече дека е исправно загрижувањето на колешката, но потенцираше дека во 2021 година голем дел од институциите испратија свои предлози.

-Проблемот е технички. Верувам дека до јануари ќе го завршиме сите процедури и ќе имаме достојно одбележување на значајните настани, следната година, додаде Кадриу.

Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Комисијата треба да му укаже на претседателот на Собранието за постоење на овој проблем.

-Слабо се состануваме, слабо работиме. Немам чувство дека Комисијата ја исполнила својата мисија, додаде таа.

Пратеничката Велика Стојковска Серафимовска предложи да не се гласа составот на работно тело, туку да се усвои заклучокот кој официјално ќе му се достави на претседателот на Собранието при што тој треба да даде гаранција дека предлог одлуката ќе се најде на дневен ред.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ испрати апел оваа година програмата конечно да го види светлото на денот.

По ова излагање, претседателот на Комисијата ја прекина седницата, а за нејзино продолжување дополнително ќе информираат. бт/ев/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан