• петок, 27 декември 2024

Комисиска расправа за Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка

Комисиска расправа за Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка

Скопје, 25 мај 2023 (МИА) - На собраниската Комисија за европски прашања денеска започна расправата за Предлог законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка. За законот не се поднесени амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ предложи Комисијата да усвои заеднички амандман и тоа членот и заменикот во преодната и завршната комисија од редот на административни службеници во Министерството за правда наместо со стаж од шест години да биде со стаж од десет години со цел зголемување на професионалноста, што не беше прифатено од страна на заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ. 

Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ставањето на овој закон на Комисијата за европски прашања е повторно злоупотреба на европското знаменце. 

-Повторно во овој случај Министерството за правда го злоупотребува европското знаменце. Начинот на избор на судии и обвинители е суверено право во секоја држава на ЕУ и нема европска регулатива која ја третира оваа материја и оттука произлегува дека власта манипулира со институтот европско знаменце, рече Лефков додавајќи дека по којзнае кој пат власта го праќа законот во Собрание. 

Лефков вели дека исто така се зголемува дискрециското право  на одлучување на извршната власт и да се зголеми контролата врз начинот на избор на идните судиии јавни обвинители. 

-Со предлага писмениот и усмениот дел да се полагаат пред приемна комисија и да имаат учество од 50 проценти во вкупната оценка за кандидатот што е преголемо субјективно влијание и дискрециско овластување врз оценката на кандидатот, истакна Лефков, оценувајќи дека ова решение е „антиреформа“. 

Пратеничката Снежана Калевска Ванчева ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека манипулираат и ги искривуваат работите. - Изнесовте еден куп работи кои немаат никаква допирна точка со законот и да се согласувам дека со овој закон немаме директно транспонирање на директивите. Да, имаме усогласување со оценската мисија на ТАИЕX, рече Калеска Ванчева. 

Таа посочи дека пратениците од опозицијата го блокираат носењето на ова законското решение бидејќи ним им одговараат системските недостатоци што биле утврдени. 

-Вам ви одговараат тие недостатоци и вие не сакате промена, рече пратеничката на СДСМ. 

Додаде дека најмногу забелешки опозицијата има за дискрециското право при одлучување односно при спроведувањето на испитот.  Прво, вели Ванчева Калевска, не постои никакво дискрециско право за влез во Академијата, а критериумите и начинот на полагање на приемниот испит не е поврзан со никаков човечки фактор. 

-Многу добро знаеете дека приемниот испит се состои од полагање на еден од трите најчести јазици во ЕУ - англиски, француски и германски, потоа психолошки тест, тест за интегритет, квалификациски тест и практичен испит. И сите овие се полагаат по овој редослед и секој е елиминаторен. Но вас не ви одговара тоа да го кажете. Полагањето е целосно анонимно, а на кандидатот му се доделува испитна шифра, рече пратеничката. 

Ванчева-Калеска праша зошто опозицијата има против усмениот завршен испит на Академијата. 

Во воведниот дел од предложеното законско решение се наведува дека донесувањето на Закон за Академија за судии и јавни обвинители произлегува од потребата за реформа на судството во Република Северна Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратегиската цел на Република Северна Македонија за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството
базирани на европските стандарди. 

Првпат закон за Академијата е донесен во 2016 година, а бидејќи се утврдени системски слабости и постојниот закон би се менувал 80 отсто, предложен е нов текст на законот. ев/лв/

фото: МИА

 

 

Остани поврзан