• петок, 27 декември 2024

Комисиска расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка

Комисиска расправа за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка

Скопје, 30 јануари 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница расправа по единствената точка на дневен ред - утврдување на предлог за избор на судија на уставен суд. За уставен судија е предложена универзитетската професорка Ана Павлова Данева.

И на денешното продолжение, како и на првата седница одржана за оваа точка на 25 јануари, не се утврди дневниот ред.

Според пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлогот професорката Ана Павлова Данева да се избере за нов уставен судија е партиски предлог. Додека, пратениците од власта потенцираа дека таа има образование и интегритет да биде избрана за уставен судија.

Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Павлова Данева е партиски предлог, оти, како што рече, претходно таа била потпретседател на СДСМ. Таа рече дека би било добро избирањето на член на уставни судии да се направи на начин каде кандидатите би присуствувале на седница и би одговарале на прашањата на пратениците.

-Никој од нас нема проблем со CV-то на професорката Павлова Данева. По однос на професијата и по однос на компетенциите што треба да ги има во уставен суд, нема што да коментирам. Потпретседател на партија предлагате да биде член на Уставен суд. И сега ќе кажете дека тоа било одамна. Добро, но тоа стои во CV-то. Немам дилема по однос на нејзиниот квалитет. Но, потпретседател на СДСМ се предлага да биде уставен судија. Што е следно? Бранко Црвенковски да биде претсдеател на Уставен суд?, рече Ласовска.  

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ смета дека кандидатката Павлова Данева има и образование, култура на однесување, државотворност и интегритет за да биде избрана за нов член на Уставниот суд.

-Мислам дека е добро што она е предложена за кандидат, бидејќи десет години буквално нема никаква политичка активност во смисла на членување во високи тела во партија. Била пратеничка. Ви тврдам дека нема никакво членство ниту во партијата од каде што јас доаѓам, ниту е во ниту најмалата основна органзација. Професорката има и интегритет и доблест да покаже што знае и умее. Убеден сум во тоа. Оваа кандидатка има и образование и култура на однесување и државотворност и интегритет. Со овој избор добро е да се дооформи Уставниот суд со цел да функционира онака како што е по Устав и закон. Со избирањето на професорката Данева само ќе се зајакне капацитетот, рече Велковски.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска во процедурална забелешка побара претседателката на Комисијата да ја прекине расправата по оваа точка и да биде повлечен предлогот Данева да биде избрана за устаен судија. Посочи дека неговата партија нема да гласа за овој предлог.

Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје.
Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).

Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија. Тој тогаш изјави дека изненадувачки и вулгарно било тоа предлогот да биде повлечен без да се наведат основни причини за тоа поради што му била нанесена штета.

Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.
Седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се очекува да продолжи попладне, откако претседателката на Комисијата Марија Георгиевска даде пауза.фф/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан