• петок, 27 декември 2024

Комисиска дебата за измени на законите за здруженија и за политички партии

Комисиска дебата за измени на законите за здруженија и за политички партии
Скопје, 1 ноември 2022 (МИА) - Предлог измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политичките партии, по скратена постапка, денеска се на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од присутните 84 пратеници, сите гласаа „за“. Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ тогаш го образложи предлогот напоменувајќи дека со него би требало да се стави крај на отворање здруженија и фондации чии програми, цели, дејности и дејствувања се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на земјава, кон поттикнување и повикување на воена агресија, како и кон разгорување национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, како и преземање активности поврзани со тероризам или активности спротивни на Уставот. Со предложените измени и дополнувања, во Законот за здруженија и фондации во член 4, ставот (2) се менува и гласи „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.“ - Како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали, на лица кои по кој било основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, стои во новиот став во членот 8 од законот. Според Предлог законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава Министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира министерот за правда. Во преодните и завршните одредби на Предлог измените и дополнувањата на Законот е наведено дека организации, здруженија, фондации, сојуз и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и се должни во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно одредбите од овој закон, пред Централниот регистар. Здруженија и фондации регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации кои нема да ги усогласат одредбите согласно став 1 од овој член, се бришат од Регистарот, за што министерот за правда донесува одлука. Министерот за правда е должен да донесе одлука за престанок на истите, во рок од четири месеци од денот на влегување на сила на овој закон. Собранието едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, даде поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска на 17 октомври. Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и национал-социјализмот. - Во вакви услови на провакции кои предизвикуваат крајно негативни чувства кај граѓаните, предлагаме законот да се донесе во скратена постапка. Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам, рече Митрески, образложувајќи го Предлогот. Со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст. Во образложението на Законот, објавен на веб страната на Собранието, стои дека со Предлог законот се заштитуваат демократските вредности како и принципите на правната сигурност на граѓаните во едно демократско општество. Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена. Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх. Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх. - Името и ознаките на политичката партија не смеат да содржат симболи, зборови, крaтаенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх, се предлага во еден од ставовите. Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци. Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Владиното советодавно тело за употреба на имиња на историски личности, пак, вчера го оцени негативно барањето за регистрирање на клуб со името на Цар Фердинанд. Ова тело излезе со став дека нема позитивно мислење за да се формира културен клуб со ова име, со оглед на тоа што, како што изјави за МИА Бобан Петровски, претседател на телото, самата средина во македонската историја, како и во перцепцијата на македонските граѓани не е позитивна личност. – Тој владее со Бугарија во 19 и 20 век, ја спроведува Бугарија во три војни кои за Македонија се со девастирачки карактер, поради тоа сè уште има спомени во населението на Македонија дека ова не може да се смета за позитивно и да се даде позитивно мислење, рече Петровски. Нивното советодавно мислење ќе биде доставено до Министерството правда, кое, потоа ќе одлучува по него.мс/лв/      

Остани поврзан