• сабота, 28 декември 2024

Комисиска амандманска расправа за законските измени за недела неработен ден

Комисиска амандманска расправа за законските измени за недела неработен ден
Скопје, 20 септември 2021 (МИА) - Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи  во второ читање е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Со предложените измени на Законот за работни односи се предвидува недела  да биде ден за неделен одмор. Со оваа измена, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, се прави баланс на приватниот и професионалниот живот на работниците.
За околу 92 проценти од работниците во државата недела ќе биде ден на неделен одмор. Работниците во дејностите кои се неопходни да функционираат, ќе добиваат за 50 отсто повисока дневница. Трговските центри во недела ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот, а вработените ќе добиваат 100 отсто повисока дневница за работа во недела.  Трговските субјекти во моловите ќе имаат обврска да уплаќаат износ во висина од 2 отсто од остварениот промет во недела во Буџетот, а овие средства ќе бидат искористени за основање на нови детски градинки.
За спроведување на овој закон се потребни дополнителни финансиски средства од државниот Буџет. Врз основа на расположивите податоци за бројот на вработени во јавен сектор, кои би работеле во недела (30 проценти), просечната плата во земјата се проценува дека фискалните импликации би изнесувале околу 43.100.000 денари месечно, односно 516.600.000 денари на годишно ниво.
Исто така, во рамки на оваа седница пратениците треба да ги разгледаат и Годишниот извештај за работењето на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година и Финансиските извештаи на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година.фф/лв/

Остани поврзан