• недела, 24 ноември 2024

Комерсант: Путин може многу скоро да ја објави кандидатурата за претседателските избори во 2024.

Комерсант: Путин може многу скоро да ја објави кандидатурата за претседателските избори во 2024.

Москва, 3 октомври 2023 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин наскоро може да објави дека ќе се кандидира за претседателските избори во земјата во 2024 година, што ќе му овозможи да остане на власт до 2030 година, пишува денеска  весникот „Комерсант“.

Официјални лица веруваат дека Путин може во ноември да објави дека ќе учествува на изборите во март следната година, објави Комерсант, повикувајќи се на анонимни извори блиски до претседателската администрација.

Но, весникот, кој важи за еден од најпочитуваните во Русија, пишува дека има и други сценарија за тоа што Путин би можел да објави и дека конечната одлука е исклучиво негова.

На новинарско прашање за написот на Комерсант, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговори дека не знае ништо за тоа дека кандидатурата на Путин може да биде објавена во ноември.

-Не знам ништо за тоа дека претседателската кампања официјално е најавена за ноември. Немам такви информации и што да додадам, одговори тој.

Владимир Путин, кому Борис Елцин му го предаде претседателството на последниот ден од 1999 година, е шеф на државата подолго од кој било друг руски владетел од Сталин наваму. Тоа го надмина дури и 18-годишниот мандат на Леонид Брежњев.

Путин на 7 октомври ќе наполни 71 година. Тој минатиот месец изјави дека ќе ги објави своите планови дури откако парламентот ќе ги распише претседателските избори, а Песков минатиот месец рече дека Путин, доколку одлучи да се кандидира, нема да има конкуренција. сд/

Остани поврзан