• недела, 24 ноември 2024

Комеморација за актерот Мето Јовановски во Драмски театар-Скопје

Комеморација за актерот Мето Јовановски во Драмски театар-Скопје

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - На големата сцена на Драмски театар – Скопје денеска ќе се одржи Комеморација за актерот Мето Јовановски.

Како што информираат од Драмски театар, посмртните останки на Мето Јовановски вчера беа изложени во капелата на гробиштата Бутел. 

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина на 16 ноември на 77-годишна возраст. 

Мето Јовановски е роден во 1946 во село Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Неговата актерка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите.  Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

„Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“, „Најдолгиот пат“, „Опстанок“, се дел од филмските проекти во кои Мето Јовановски играше главна улога.

Јовановски за своите театарски, филмски и телевизиски улоги ги има добиено државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“. Тој е добитник и на наградите „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, како и награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022. фф/мд/

Фото: НУ Драмски театар Скопје

Остани поврзан