• среда, 25 декември 2024

Комеморација во спомен на Далибор Ѓошиќ, прерано починатиот солист на „Танец“

Комеморација во спомен на Далибор Ѓошиќ, прерано починатиот солист на „Танец“

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Во просториите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ денеска во присуство на бројни колеги, пријатели и најблиското семејството, се одржа комеморацијата по повод смртта на Далибор Ѓошиќ, истакнатиот вокален уметник и солист во овој ансамбл.

На комеморацијата говореа уметничкиот раководител на сценско-уметничката дејност во НУ„Танец“, етномузикологот Бранка Костиќ – Марковиќ, музичкиот педагог, инструменталист, композитор и аранжер Сашо Ливрински и вокалната уметница и колешка на починатиот Ѓошиќ од хорот на „Танец“, Габриела Новевска.

-За музичар, уметник како нашиот колега Далибор Ѓошиќ испраќањето во вечното почивалиште треба да е свеченост. Музичарите не се испраќаат во тишина, туку со музика и затоа предлагам оваа комеморација наместо со едноминутен молк да ја започнеме со еден музички колаж кој ќе не потсети на нашиот непрежален колега, неговиот раскошниот талент и неговата ненадоместлива улога во нашиот ансамбл, кажа Костиќ-Марковиќ и го сподели со присутните видео омажот за Далибор Ѓошиќ.

Таа потсети на неговиот животен и плоден професионален пат од кој издвои еден детал од почетоците на неговата кариера како професионален пејач во „Танец“.

Во кусата биографија која пред 16 години ја приложил Далибор Ѓошиќ на конкурсот за вработување во Танец, покрај основните податоци за неговото образование и дотогашно искуство го напишал и следното: „Музиката е мојот живот, затоа имам желба професионално да се занимавам со неа“. Ова, како што рече таа, говори од какво значење за него претставувала музиката – живот.

После воведниот дел проследен со многу фотографии од концертниот и приватниот живот на Ѓошиќ, следеше обраќањето на македонскиот инструменталист, композитор и музички педагог, Сашо Ливрински, кој се осврна на долгогодишната соработка со прерано починатиот уметник, зборувајќи за нивната прва средба и најважните моменти на валоризација на неговиот раскошен талент во „Танец“, но и на фестивалските сцени.

На овие врвни квалификации за професионалните капацитети на починатиот колега се надоврзаа и високите оценки на неговите човечките особини. За Далибор како другар и колега говореше неговата колешка од хорот на „Танец“, воедно и позната вокална солистка на етно групата „Монистра“, Габриела Новевска.

Со заминувањето на Далибор Ѓошиќ, Танец и македонската народна музика изгубија многу. Тој почина на 10 октомври во Скопје, на возраст од 41 година, после кусо и тешко боледување. Својот професионален стаж го помина во НУ „Танец“, каде оствари бројни настапи, дома и надвор. Покрај изведбите на традиционални македонски песни, тој реализираше и бројни фестивалски настапи, со квалитетни новосоздадени фолклорни напеви, од кои голем дел беа негови авторски композиции. За само 16 години поминати во „Танец“, Ѓошиќ оствари 363 концертни настапи, во вкупно 23 држави во светот. дма/бак/

Фото: „Танец“ и К. Попов

Остани поврзан