• сабота, 28 декември 2024

Командата за операции го одбележа Денот на единицата

Командата за операции го одбележа Денот на единицата
Скопје, 14 октомври 2021 (МИА) - Припадниците на Командата за операции (КО), со воена свеченост што денеска се одржа во касарната „Боро Менков“ во Куманово, го одбележаа Денот на единицата. Пред присутните се обратија началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини. Генералот Ѓурчиновски во обраќањето оддаде признание на Командата за операции за резултатите и успешно извршените задачи во целиот досегашен период, како и залагањата во процесот на потполна интеграција во НАТО. Притоа, ја истакнал поддршката од военото и државно раководство во подобрување на условите, опремувањето и стандардите. - Имаме долг и обврска не само кон државата, туку и кон граѓаните да продолжиме професионално да ги извршуваме сите поставени задачи за што имаме знаење и капацитет, нагласил генералот Ѓурчиновски, стои во соопштението од Канцеларијата за односи со јавност во Генералштабот на Армијата. Тој се осврнал и на зголемениот интензитет на вежбовни активности кои следуваат во претстојниот период, а за кои, стои во соопштението, ќе следи соодветна модернизација со современи и софистицирани средства и со тоа се очекува и постигнување на уште поголеми резултати преку континуирана работа, ред и дисциплина, посветеност и професионализам, како што доликува на припадници на Армија членка на НАТО. Пред стројот се обратил и командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини, кој се осврнал на големиот број успешно реализирани задачи во текот на изминатата година, меѓу кои успешното менаџирање со ангажманите на јужната граница, учество во гаснењето на пожарите и асистенцијата при справувањето со пандемијата со „Ковид 19“, како и меѓународната вежба „Одлучен удар 21“. Според него, на меѓународната вежба „Одлучен удар 21“, уште еднаш покажавме висок степен на интероперабилност со Алијансата, но и го потврдивме мотото дека заедно сме навистина посилни. - Ние во Командата за операции нема да го напуштаме темпото и квалитетот на работа по кои се идентификуваме. Немам никаков сомнеж дека ќе бидеме успешни во предизвиците кои ни претстојат,  истакнал во својот говор генералот Емини. На прославата присуствувале и заменикот на началник, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници од кабинетот на Претседателот на државата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот и од бригадата за Југоисточна Европа, која е лоцирана во касарната. Во рамки на свеченоста се доделени и стимулативни мерки на припадници на КО за остварените резултати во работењето, додека за најдобра единица од составот на Командата за операции за минатата година беше прогласен инженерискиот баталјон. Командата за операции е носител на традициите на одбележувањето на денот кога е формиран штабот на Кресненско востание, кој е воедно и ден кога е кренато востанието, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата. Командата за операции, како команда од оперативно рамниште во текот на своето постоење егзистираше како Армиски Корпус до 2000 година, кога се трансформира во 1.Армиски Корпус, за да во 2002 година прерасне во Команда на копнената војска, а од 2005 година се преструктуира според стандардите на НАТО во Здружена оперативна команда, додека согласно процесот на трансформација по полноправното членство во НАТО го добива сегашното име. Како највисока команда на оперативно рамниште во Армијата, КО е најодговорна за подготовка на командите и единиците од својот состав за извршување на уставните задачи на Армијата, како и учество во мировните операции и придонесување и асистенција на институциите во државата во кризни состојби. цр/са/

Остани поврзан