• среда, 13 ноември 2024

Колумна на Бесими: Зелена и конкурентна економија за подобар квалитет на живот

Колумна на Бесими: Зелена и конкурентна економија за подобар квалитет на живот

Скопје, 7 октомври 2023

„Предизвикот на одржливоста е да се создаде нова глобална економија, нов начин на стопанисување, еколошки одржлив и економски ефикасен, кој на сите им дава можности за подобар живот“, посочува економистот и нобеловец, Џозеф Стиглиц. Изминатата недела направени се два системски значајни чекора кон развојот на зеленa економија кај нас, а тоа се усвојувањето на законот со кој се овозможува формирање на Фондот за енергетска ефикасност и издавањето на првите зелени обврзници како извор за финансирање зелени проекти.

Зелената економија е систем чии приоритети се еколошката одржливост, социјалната правда и економскиот раст. Транзицијата кон обновливи извори на енергија, одржливо земјоделство и производство на храна, ефикасност во управувањето со ресурсите, инклузивен раст преку социјална еднаквост, иновации и еколошки технологии, зелени финансии и инвестиции во одржливи проекти и јакнење на климатската отпорност, се целите на зелениот развој. Поконкретно, зелена економија е отпорна економија, која пружа подобри услови за живот за сите граѓани.

Накусо за зелениот фонд и обврзниците

На предлог на Министерството за финансии, минатата недела Собранието даде „зелено светло“ за основање Фонд за енергетска ефикасност (ФЕЕ). Фондот преку издавање на грантови, поволни кредити и гаранции ќе поддржува проекти за енергетска ефикасност и заштита на животната средина од јавниот и приватниот сектор. Фондот ќе функционира како организациска единица во рамки на Развојната банка на Република Северна Македонија и тој е дел од усогласувањето со ЕУ директивите. Почетниот капитал е во износ од 15 милиони евра, од кои 5 милиони евра се преку Проектот за енергетска ефикасност од Светската банка и 10 милиони евра од издадените зелени обврзници. Во иднина Фондот ќе се надополнува од нови емисии на зелени обврзници и други извори (како развојни грантови, заеми и мултипликација на основачкиот капитал). Основањето на Фондот е планирано за следната година, додека од 2025 година се очекува проширување на неговиот опсег кон резидентниот сектор. Очекуваните ефекти од проектите коишто ќе ги поддржи ФЕЕ се поголема отпорност кон поскапувањето на енергијата, сигурност и континуитет во снабдувањето со енергија за домаќинствата и компаниите, како и подобрување на условите за живеење, зголемување на енергетските заштеди, намалувањето на емисиите и заштита на јавното здравје и општо позитивно влијание врз животната средина.

Во текот на седмицата беше одржана и првата аукција на зелени обврзници. Станува збор за државни хартии од вредност чија намена е поддршка на зелените проекти во земјава. Рочноста на обврзниците е на две години, додека купонската камата 4,75%. На аукцијата учествуваа банки, финансиски институции, но и физички лица, додека интересот за зелените обврзници беше скоро три пати поголем од понудената и запишаната сума од 600 милиони денари. Како што посочив, овие средства, ќе влезат во Фондот за енергетска ефикасност. Нивната намена е преку финансирање проекти од енергетската ефикасност и животната средина, да го забрзаат зелениот раст, но и да го развијат пазарот на капитал во земјава, преку диверзификација на понудата со нови инструменти.

Финансиите се крвотокот на економијата, оттаму поставувањето на институционални механизми за мобилизација на средства и финансирање зелени проекти, имаат значаен придонес во развојот на зелениот систем. Притоа, ова е само дел од спектар мерки и политики кои се преземаат и ќе се преземаат кај нас за зазеленувањето на економијата. Зелениот раст е дел од структурните реформи, односно реформи коишто се предвидени за зајакнување на нашата економија и зголемување на нејзиниот потенцијал, како дел од евроинтегративниот и развојниот процес. Зелените инвестиции, финансии и регулатива се дел од повеќе државни стратегии, а тука секако не смее да се заборави и улогата на меѓународните финансиски институции, билатералните партнери на земјава, како и приватниот сектор.

До 30% пад на глобалниот БДП како резултат на климатските промени

Јакнењето на зелената свест, како почеток на зелената агендa и Целите за одржлив развој на Обединетите нации, започнува некаде на почетокот на седумдесетите години од минатиот век, со Конференцијата на ОН во Стокхолм, понатаму Самитот на ОН во Рио де Жанеиро и Кјото протоколот во дведесетите до Парискиот договор во 2015 година во поново време. Од тогаш досега, светската популација е удвоена (од 3,7 милијарди жители во 70-тите, на над 8 милијарди во 2020-тите), односно светот стануваше помал, позагаден, со исцрпени ресурси и се поизразени ефекти од климатските промени.

Многу интересно обраќање пред неколку години имаше сегашната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, која посочи на големината на последиците од климатските промени следните децении, доколку не се преземат мерки. Таа за пример ја зема својата тогаш деветгодишна внука и истакна дека климатските промени се толку интензивни што додека девојчето да наполни 20 години, климатските промени ќе турнат во сиромаштија 100 милиони луѓе во светот, додека да наполни 40 години - 140 милиони жители ќе мигрираат поради влошените климатски услови, додека доколку ја доживее возраста од 90 години, температурата на планетата ќе биде за 3-4 целзиусови степени потопла, а условите за живот скоро неподносливи. Ова е доста добар, пластичен приказ од она што може понатаму да се случува не толку далеку во иднината, на нашите деца и внуци, доколку сега не преземеме решителни чекори.

Проценките на Меѓународниот монетарен фонд се дека секоја година климатските непогоди предизвикуваат висока економска и еколошка штета, додека само во изминатата деценија овие штети ги процени на 1,3 трилиони долари (или околу 0,2% од глобалниот БДП годишно). Различни студии на релевантни светски организации, агенции, тинк-тенкови даваат катаклизмични предвидувања за ефектите на климатските промени врз глобалната економија. Светскиот економски форум во 2020 година ги карактеризираше климатските промени, како најголема закана за економијата и општеството. Студија на Оксфорд од пред три години покажува дека при високи карбонски емисии, растот на температурата до 2050 година би бил за два степена, додека глобалниот БДП би се намалил за 2,5-7,5%, а до 2100

година за четири степени и глобалниот БДП би се намалил за 30% во најлошото сценарио. Емпириските анализи укажуваат на ефекти од климатските промени врз инфлацијата и економскиот раст преку повеќе канали како намалување на земјоделското производство и раст на цените на храната, намалување на продуктивноста на трудот, намалување на потрошувачката и инвестициите, транспортот итн. Притоа, интензитетот на ефектите во голема мерка ќе зависи од структурата и развојот на економијата.

Економска теорија: пониска развиеност - помала свест за климатските закани

Економската теорија се интересира за ефектите на екологијата врз економијата и растот. Притоа, ќе се осврнам кон неколку теории, како еколошката крива на Кузнец, која го покажува соодносот на приходот и животната средина во форма на превртена буква “U“, односно во раните фази на економскиот развој на една економија деградацијата на животната средина се зголемува, но како што приходите продолжуваат да растат, општествата стануваат посвесни за животната средина, а политиките и технологиите се подобруваат како и животната средина. Концептот на одржлив развој, пак, ја нагласува потребата да се балансира помеѓу економскиот раст, социјалната благосостојба и заштитата на животната средина, односно за одржлив се смета економскиот раст кој ќе ги задоволи потребите на сегашните без да се загрозат идните генерации. Теоријата на зелен раст се заснива на постигнување на економски раст, а при тоа минимизирање на ефектите врз животната средина, преку инвестиции во „чисти“ технологии, енергетска ефикасност и одржливи пракси. Еколошката економија, како интердисциплинарно поле, во традиционалните економски модели ги внесува еколошките принципи, додека методите за валоризација на животната околина преку cost-benefit анализата им помага на креаторите на политиките да ги пресметаат придобивките и заштедите од заштитата на околината. Теориите на одржлива транзиција и инклузивен зелен раст, пак, се посветени на улогата на иновациите, политиките и инвестициите во транзицијата кон социјална и еколошка одржливост.

Зелениот раст, познат и како одржлив или инклузивен раст е модел на економски развој, кој се обидува да го усогласи економскиот просперитет со одржливоста на животната средина, односно идејата е дека економскиот раст не треба да доаѓа на сметка на квалитетот на животната средина и социјалната благосостојба. Зелениот раст е одговор и на глобалните предизвици, односно климатските промени, зачувување на биодиверзитетот, јакнење на отпорноста на глобалната економија и креирање работни места.

Зелена транзиција на домашната економија

Зелената транзиција на домашната економија е една од реформите кои се адресираат во Програма за економски реформи на земјава, системски документ кој е дел од нашиот евроинтегративен процес. Европската комисија во својата оценка на ПЕР 2022-2024 година посочува дека сме енергетски интензивна економија каде треба да се работи кон обновливи извори на енергија и унапредување на енергетската ефикасност, при што зајакната е регулативата во оваа сфера преку новите закони за енергетика и за енергетска

ефикасност коишто содржат мерки за ублажување на климатските промени главно поврзани со енергетскиот сектор. Како земја потписничка на светските протоколи и резолуции, нашата земја презема редовни активности за намалување на емисиите на стакленички гасови и ограничување на глобалното затоплување, каде позначаен напредок е постигнат и во усогласувањето на законодавството на земјата со правото на ЕУ, особено во воспоставувањето на надзори и механизми за известување во врска со стакленичките гасови. Некои од останатите видувања во однос на животната средина се дека е постигнат делумен напредок во циркуларната економија, односно во рециклажата (РС Македонија тековно произведува 456 кг комунален отпад по глава на жител, што е помалку од просекот на ЕУ од 492 кг по глава на жител, но се забележува одредено зголемување во изминатата декада).

Квалитетот на воздухот е предмет на расправа долг период и иако квалитетот е подобрен во изминатата декада, економијата се уште има еден од највисоките степени на загаденост на воздухот во Европа, особено во зимските месеци. За адресирање на овој проблем усвоен е План за чист воздух за 2019 и 2020 година, чии главни цели се зголемување на јавната свест за потребата од подобрување на квалитетот на воздух и намалување на емисиите на ПМ честичките, првенствено преку воведување мерки за енергетска ефикасност во домаќинствата и јавните установи. Друг проблем е системот за водоснабдување и санитација и потребата од изградба на нови пречистителни станици вклучително и во главниот град.

Мерки за обновлива енергија и ефикасност, цирклуарна економија, квалитетна вода и воздух

Како мерки кои ги идентификувавме како потребни за спроведување на зелената транцисија во Програмата за економски реформи од 2023-2025 година се диверзификација на изворите за снабдување со енергија, а притоа зголемување на учеството на обновливите извори на енергија и забрзување на мерките за подобрување на енергетската ефикасност. Понатаму, се предвидува воспоставување платформа за вклучување на сите поврзани субјекти во развојот на кружна економија, како и подобрување на координацијата помеѓу единиците на локална самоуправа и централната власт и зајакнување на меѓусекторската соработка за спроведување дополнителни мерки за зголемување на квалитетот на воздухот и управувањето со отпад. Предвидени се мерки и во насока на подобрување на системот за собирање, одведување и третман на отпадни води преку зголемување на бројот на пречистителни станици и примена на принципите за одговорност на корисниците на вода и загадувачите. Секоја од овие мерки содржи голем број проекти што се проектирани за овие три години. Така, на пример, во рамки на мерката за подобрување на енергетската ефикасност е предвидено основањето на Фондот за енергетска ефикасност, но и низа други проекти, како подготовка на Инвентар за енергетски карактеристики на јавните објекти и Стратегијата за реконструкција на згради до 2030 година итн.

Паметно зелено оданочување

Интересно е и дека во климатска економија се нагласува економската оправданост за наплатување на даноци на емисиите на јаглерод за да се ублажат климатските промени. Имено, покрај стимулативните мерки за зелената транзиција преку инвестиции и субвенции, рестриктивните мерки, исто така се докажани како значаен механизам во постигнувањето на овие цели.

Еден од приоритетите во Стратегијата за даночна реформа е зеленото оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите кои придонесуваат за загадување. Главна цел во овој приоритет не е да се зголемат фискалните приходи, туку зеленото оданочување да биде „паметно“ оданочување, со премин од трудово кон оданочување според загадувањето, со што се добиваат еколошки, социјални и економски бенефити. Но, со оглед на тековните економски услови дома и надвор, оваа мерка е одложена за извесен временски период.

Темата е доста широка и може да навлеземе во многу сегменти, како финансискиот сектор, стабилноста на банките и фондовите, социјалата, улогата на зелените технологии и иновации, интеграциите од аспект на решавањето на климатските проблеми итн. Во секој случај, ова е тема за која е потребен холистички пристап за постигнување на целните резултати.

Последна генерација која може да преземе нешто…

Ќе посочам дека „светот не ни е оставен од татковците, туку ни е позајмен од нашите деца…„ и така и треба да се однесуваме со него. Водењето на зелена економија и постигнувањето зелен развој, не е само постигнување бројки на хартија, туку видливо подобрени услови за живот за сите граѓани. Сите го дишеме истиот воздух, пиеме иста вода и јадеме храна од иста почва и како што кажа претседателката Лагард, „ние сме првата генерација која ги чуствува ефектите од климатските промени и последната генерација која може да направи нешто во врска со нив“.

Фатмир Бесими

Министер за финансии

Фото: Министерствот за финансии

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан