• среда, 27 ноември 2024

Колумбискиот претседател Петро го суспендира примирјето со наркокартелот „Заливски клан“

Колумбискиот претседател Петро го суспендира примирјето со наркокартелот  „Заливски клан“

Богота, 20 март 2023 (МИА) - Колумбискиот претседател Густаво Петро го суспендираше прекинот на огнот со главниот картел за трговија со дрога во земјата- „Заливски клан“.

Претседателот Петро го обвини кланот за „сеење вознемиреност и терор“ и им нареди на безбедносните сили повторно да ги активираат воените операции против оваа криминална банда, пренесе Би-би-си.

На Твитер тој ги обвини членовите на „Заливски клан“ дека пукале во полицајци.

„Од овој момент нема прекин на огнот со Заливскиот клан. Безбедносните сили мора веднаш да дејствуваат против структурите на оваа мафијашка организација“, напиша претседателот на Колумбија.

Прекинот на огнот беше договорен минатиот декември како дел од планот на претседателот за „тотален мир“ во Колумбија.

Суспендирањето на примирјето е голем удар за обидот на Петро да стави крај на вооружениот конфликт во земјата.

Неговата политика е радикално различна од онаа на неговиот претходник Иван Дуке, кој се обиде да обезбеди мир со засилување на воените операции против колумбиските нелегални вооружени групи.

Петро, место тоа, се обидува да преговара за крај на непријателствата со десетици криминални организации.

Колумбиската влада на 31 декември 2022 година соопшти дека постигнала билатерален договор за прекин на огнот со „Заливскиот клан“, а меѓудругите и со бунтовниците од Националната ослободителна армија (ЕЛН) и со дисидентите од Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК).

Меѓутоа, минатата недела Петро го обвини „Заливскиот клан“ за кршење на примирјето, обвинувајќи го за нападот врз аквадуктот и изјавувајќи дека тоа ги поттикнало на протести нелегалните ископувачи на злато. сд/

Остани поврзан