• недела, 10 ноември 2024

Колефски е убеден дека жителите на општина Пустец ќе му ја дадат довербата за да продолжи со реални проекти

Колефски е убеден дека жителите на општина Пустец ќе му ја дадат довербата за да продолжи со реални проекти

Дебар, 28 април 2023 (МИА) - По низата обвинувања кажани од противкандидатот Панди Јани, за „негова неангажираност и негрижа“ за жителите и општина Пустец, реагираше актуелниот градоначалник Пали Колефски, кој на 14 мај по вторпат ја бара довербата. 

- Почитувани, човек кога многу лаже и манипулира запаѓа и почнува да верува во сопствените лаги мислејќи дека и некој од жителите на општина Пустец ќе поверува. Оние кои се фалат дека ќе ја асфалтираат секоја улица во сите села (се разбира дека лажат), сега бесрамно објавуваат фотографии од работењето и санирањето на улиците во село Пустец. Тие уште живеат во сонот во кој се манипулираат самите себе бидејќи нема жител на општина Пустец кој им верува во тоа што го кажуваат, наведува тој во објава на Фејсбук.

Додава дека состојбата на терен, за што објавува и фотографии ја отсликува реалноста.

- Драги мои, сите вие особено жителите на село Пустец, и самите гледате дека патот во селото се санира и за неколку дена Пустец ќе има сосема нов асфалтиран пат, сите гледате дека ние во моментот работиме на тоа, како што може да се види и на фотографиите што ги објавувам. Но,  да гледаш дека патот се прави и да објавиш фотографии со ударни дупки на пат на кој што се работи и кој за неколку дена ќе добие асфалт, и да манипулираш дека тоа е лага, е ништо друго освен потценување на оние од кои бараш да те гласаат, порачува Колефски.

Верувам и убеден сум, посочува,  дека  жителите на општина Пустец гледаат и знаат кого да изберат.

-  А ќе го изберат оној кој макотрпно се труди за нив, ќе го изберат човекот кој го прави најдоброто за нив, човекот кој до сега работеше и ќе продолжи да работи со визија и со реални проекти за доброто на сите. И повторно ќе изберат да одат само напред и никогаш назад, порачува Колефски.

Колефски и Јани се двајцата кандидати во трката за градоначалник. На гласачкото ливче Јани, кој е предлог на Партијата на слободата на Илир Мета, која ја предводи опозициската изборна коалиција „Победуваме заедно"  е под број 1, а Колефски кој е кандидат на Социјалистичката партија поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција е под број 2. 

Право на глас во оваа единствена македонска општина во Албанија имаат околу 4.400 граѓани. вт/сх/

 

Фото: Фејсбук/Пали Колефски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан