• четврток, 26 декември 2024

Колективно купување инвертери, нова кампања на ОПМ

Колективно купување инвертери, нова кампања на ОПМ

Скопје, 22 февруари 2023 (МИА) - Најмалку десет отсто пониска цена за секој клима уред и евентуално бесплатно монтирање, очекува Организацијата на потрошувачите (ОПМ) од новата кампања за колективно купување инвертери што стартува денеска. 

За кампањата е подготвена посебна веб платформа www.kolektivnokupuvanje.mk, на која потрошувачите може да се регистрираат, а потоа и да добијат понуда за купување инвертер клима уред.

-Преку колективното купување нашата цел е да овозможиме најдобри можни услови, вклучително и на цената, највисок можен квалитет на услугата и професионална монтажа која е неопходна за ефикасно работење на клима уредот. Веруваме дека потрошувачите ќе можат да го искористат ова и на тој начин да добијат квалитетен енергетски ефикасен клима уред. Во првата фаза од кампањата што почнува денеска, 22 февруари, граѓаните може да се регистрираат, а во втората фаза која стартува од средината на април 2023, ќе добијат понуда за купување инвертер клима уред. Понудени ќе бидат само оние клима уреди кои постигнале добра или многу добра оценка на независниот компаративен тест, рече претседателката на ОПМ Маријана Лончар.

Таа потенцира и дека потрошувачите имаат можност за колективното купување инвертери да постават прашања на телефонскиот број (02) 3 170 888.

-Регистрирањето на платформата не е обврзувачко за купување инвертер, но само регистрираните потрошувачи ќе имаат можност да добијат понуда и да купат инвертер клима уред преку колективно купување. Кога ќе ја добијат понудата, регистрираните потрошувачи ќе можат слободно да одлучат дали ќе го купат понудениот уред или не. Одлуката ќе треба да ја донесат до крајот на мај или додека не се продадат загарантираните количини, истакна Лончар. 

Според ОПМ, колективните купувања на различни производи и услуги стануваат редовна активност на многу организации на потрошувачи во ЕУ, бидејќи носат низа предности и придобивки за здружените потрошувачи, а се поддржани и од Европската комисија. мч/aa/

 

 

 

Остани поврзан