• недела, 30 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Колев: На мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес работи најдобрата македонска фирма за санација  на мостови

Колев: На мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес работи најдобрата македонска фирма за санација  на мостови

Велес, 26 март 2025 (МИА) - Според последните информации со кои располагам започнати се работите за  целосната санација на мостот на Вардар кај Башино Село на еден од влезовите во Велес, но треба за неколку дена да почекате, кога деталите ќе ги соопшти директорот на ЈПДП Коце Трајановски кој ќе ја посети Општина Велес, информира градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, одговарајќи на новинарско прашање дали и кој ја изведува санацијата на мостот.

-На самата локација, на мостот, можете да забележите дека нешто се случува. Фирмата за санација е избрана и според моите сознанија се работи за најдобрата македонска фирма за санација на мостови. Така што, граѓаните треба да се чувствуваат безбедно. Тука се деканот и професорите од Градежен факултет затоа што ние исклучително работиме со луѓе кои ја знаат оваа проблематика. Зборувам за научници, за тим од професори и за најдобра фирма за санација на мостови чие што име за неколку денови ќе го соопшти директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, појасни Колев.

Инаку, од 2 март наваму  на  мостот на Вардар кај Башино Село, сообраќајот се одвива само во една коловозна лента и тоа во средината на мостот, а тоа е регулирано со семафори од двете страни на мостот.

Од 3 јануари годинава до 2 март сообраќајот на мостот на Вардар кај Башино Село беше целосно затворен и поради тоа  се одвиваше само од другата страна на градот и потоа преку центарот на Велес. Поради тоа се создаваат колони на возила, со чекање и повеќе од 40 минути, а воедно и  воздухот во градот дополнително беше загаден на што се жалеа и реагираа граѓаните.

Тешкиот сообраќај се одвиваше само во ноќните часови од 22 до 6 часот наутро.

Санацијата на мостот на Вардар кај Башино Село на регионалниот пат П 1312  ќе ја чини државата 320 илјади евра. ад/

Фото: МИА

Остани поврзан