• четврток, 26 декември 2024

Кое е точното значење на терминот геноцид?

Кое е точното значење на терминот геноцид?

3 ноември 2023

Дојче веле - Бон

Терминот геноцид првпат бил употребен за време на ужасите на холокаустот во Втората светска војна. Тоа се однесува на обид да се искорени нација или одредена група на луѓе.

Во 1943 година, полско-еврејскиот адвокат Рафаел Лемкин го смислил тоа име за систематското убивање на Евреите во нацистичка Германија. Лемкин ги загуби сите членови на своето семејство во Холокаустот, освен братот. Тој водеше кампања за признавање на геноцидот како кривично дело според меѓународното право, отворајќи го патот за усвојување на Конвенцијата на Обединетите нации за геноцид во 1948 година, која стапи во сила во 1951 година.

Членот 2 од Конвенцијата го дефинира геноцидот како дело „извршено со намера целосно или делумно да се уништи национална, етничка, расна или религиозна група како таква“. Според дефиницијата на Обединетите нации, таквите злосторства вклучуваат: убивање луѓе, нанесување физички или психички повреди, влошување на условите за живот до опасни по живот, спречување на раѓање деца и насилно отстранување на децата од нивните родители од таа група.

Кој може да биде кривично гонет?

Конвенцијата на ОН за геноцид наведува дека секој може да биде кривично гонет и казнет за геноцид, вклучително и избраните владини функционери. Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства има мандат да истражува и гони геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Според статутот на тој суд, секој што ќе изврши, ќе нареди, ќе учествува или ќе поттикне геноцид може да биде кривично гонет.

Постои и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој се занимава со меѓудржавни спорови и може да одлучи дали државите се одговорни за геноцид.

Не е лесно да се докаже геноцид

„Во секојдневниот живот, многу луѓе послободно го користат терминот геноцид за најголемите и најтешките злосторства, бидејќи тој звучи многу посилно од терминот воени злосторства или злосторства против човештвото“,  објаснува за ДВ Валери Габард, експертка за меѓународно право во Хаг и коосновач на правната консултантска куќа UpRights. „Во правен контекст, сепак, дефиницијата е многу тесна. Утврдувањето на геноцид не се одразува во бројот на убиените. Најважниот критериум е намерата за физичко истребување и уништување на групата“.

Експертите истакнуваат дека е тешко да се докаже оваа намера, бидејќи често недостасуваат директни докази. „Проблемот со докажувањето на геноцидна намера е тоа што сторителите веројатно нема да го признаат тоа директно на суд“, објаснува Вилијам Шабас, професор по меѓународно право на Универзитетот Мидлсекс во Лондон и Универзитетот Лајден во Холандија. „Судовите треба да заклучат дека имало геноцидна намера“ од однесувањето на сторителите. Тие мора да се потпрат на посредни докази и тоа мора да биде без никаков сомнеж. Ова е моментот кога геноцидот станува тешко докажлив“.

За процесуирање геноцид е потребно време

Валери Габард работела во меѓународните кривични трибунали за Камбоџа, Руанда и поранешна Југославија. Таа истакнува дека процесуирањето на геноцидот може да потрае:

„Кога станува збор за геноцид, секогаш има многу жртви и потребно е долго време да се истражат злосторствата. Не треба само да ја докажуваме намерата за убивање, туку намерата да убиеме луѓе затоа што припаѓаат на одредена група“.

Дали е тоа геноцид или не?

Во последниве години, политичарите често го користеа терминот геноцид за да ги опишат кршењата на човековите права во Кина, Мјанмар, Сирија и сега во Украина. По злосторствата извршени од руските војници во Украина, американскиот претседател Џо Бајден го обвини рускиот претседател Владимир Путин за геноцид во 2022 година.

Една година претходно, владите на САД, Канада и Холандија ја обвинија Кина за геноцид врз Ујгурите во Синџијанг. Неколку други земји донесоа парламентарни резолуции со исти обвинувања.

Експертите потсетуваат на три геноциди признати како такви од страна на Меѓународниот суд за воени злосторства: Руанда, каде што беа убиени околу 800.000 Тутси и умерени Хути во геноцидот во 1994 година, масакрот во Сребреница во 1995 година, кој е прогласен од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија за геноцид и злосторства извршени од страна на Црвените Кмери во Камбоџа во 1970-тите. Имајќи предвид дека Црвените Кмери убиле многу од нивните жртви поради нивниот политички или социјален статус, не постои консензус за тоа дали злосторствата во Камбоџа, како што се дефинирани од ОН, се всушност геноцид.

Во 2010 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на суданскиот претседател Омар ал-Башир, обвинувајќи го за воена кампања против луѓето од регионот Дарфур.

„Правната дефиниција за геноцид се применува во случаите пред Меѓународниот суд за воени злосторства и во пресудите на Трибуналот за Руанда. Постојниот закон многу јасно покажува што е геноцид“, нагласува Шабас.

Но, има и обиди да се користи терминот геноцид за настани кои не ја исполнуваат правната дефиниција за геноцид, било да се Ујгурите во Кина или војната во Украина. ссм/

фото: пиксабеј

 

Остани поврзан