• петок, 27 декември 2024

Ковачевски – Мејер: Унапредување на соработката со САД во сајбер безбедноста

Ковачевски – Мејер: Унапредување на соработката со САД во сајбер безбедноста
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) -  Можностите за унапредување на соработката помеѓу Северна Македонија и САД во областа на сајбер безбедноста, била една од темите на разговор на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и в.д амбасадорот на САД во земјава Ерик Мејер.
-Заеднички е констатирано дека Република Северна Македонија веќе придонесува во координираното дејствување меѓу НАТО членките, со цел зајакнување на отпорноста кон растечките сајбер закани, во полето на безбедноста, соопшти владината прес-служба.
Во таа насока, како што е наведено во соопштението, е нагласено значењето на споделувањето успешни пракси за превенција од сајбер инциденти и споделувањето информации поврзани со сајбер закани, што придонесува и кон зголемување на отпорноста на нашата држава во поглед на овој предизвик во светски рамки.
Премиерот Ковачевски потенцирал дека САД се голем пријател и стратешки партнер на Република Северна Македонија и на регионот, во сите демократски процеси и во областа на одбраната и дека е од голема важност секое искуство и на ова поле.
Претседателот на Владата, Ковачевски, на состанокот, се заблагодарил за пријателскиот пречек при работниот престој во Њујорк, за време на учеството на ГС на ОН, оценувајќи го како исклучително успешен, со оглед на значајните средби на приемот кај американскиот претседател Бајден и со американски претставници, на коишто е разговарано за актуелни политички прашања од значење и за нашата држава. дма/хс/

Остани поврзан