• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок

Ковачевски: Ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Топло добредојде од претседателката на Молдавија, Маја Санду, на вториот Самит на Европската политичка заедница кој нѐ собира сите на исто место во вистински момент, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.

- Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но, исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со истите, доколку сакаме да имаме успех, објави Ковачевски.

Како земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и фактор на стабилност во регионот, напиша на фејсбук Ковачевски, посветени сме и ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок.

Премиерот Ковачевски, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска учествува на вториот состанок на Европската политичка заедница во молдавскиот главен град Кишињев.

На самитот на Европската политичка заедница учествуваат 47 лидери од 27-те земји членки на ЕУ, од државите од Западен Балкан, потоа од Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија, како и претставници на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.

Премиерот Ковачевски покрај учество на тркалезната маса на тема енергетика и поврзаност, предвидено е да оствари и неколку билатерални средби, меѓу кои со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и со премиерите на Данска и Молдавија, Мете Федериксен и Дорин Речан.

Главни теми на форумот се актуелните прашања поврзани со обезбедувањето на клучната инфраструктура; засилување на борбата против кибер нападите, изградбата на заедничка, паневропска енергетска политика и разгледување на можноста за повеќе универзитетски и студентски размени. Во фокус на разговорите ќе бидат и заедничките напори за мир и безбедност; енергетска отпорност и климатска акција и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент. цр/сп/

Фото: Фејсбук Димитар Ковачевски

Остани поврзан