• среда, 13 ноември 2024

Ковачевски: Ќе обезбедиме европска држава со европски стандарди преку изборната програмата на СДСМ 

Ковачевски: Ќе обезбедиме европска држава со европски стандарди преку изборната програмата на СДСМ 

Скопје, 20 април 2024 (МИА) - Ние имаме еден исклучително позитивен пристап во кампањата и ги промовираме главните елементи на програмата. Самата програма на СДСМ и коалицијата има главен постулат - Северна Македонија членка на ЕУ до 2030 година, со завршени преговори до 2028 година. Сите елементи и седум поглавја кои се набројани во програмата и детално објаснети со мерки и активности се во насока да изградиме европска држава со европски стандард, со европски услуги за граѓаните, многу повеќе правда, многу поголема борба против корупција, повисоки плати, пензии и се разбира многу поубав живот во европска Македонија.

Ова го истакна Ковачевски во денешното интервју на ТВ Сител, во Тема на денот.

Програмата на СДСМ, потенцира тој, се состои од седум столбови, првиот е економска енергија за Македонија, потоа многу поголемо владеење на правото со конкретни мерки во однос на реформите што треба да бидат направени вклучувајќи и законски и уставни измени како и целосен ветинг во судството, правосудството кај политичарите и кај други поединци во општеството.  

- Има еден посебен дел за младите кои што самите млади луѓе работеа и го изработуваа, грижа за сите во делот на социјалната заштита на пензионерите, безбедноста и одбраната на државата и секако еден јасен акциски план ставен во програмата во делот на имплементацијата на сите потребни мерки и чекори за полноправно  членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година, рече Ковачевски меѓу другото во Тема на денот.

Во однос на енергетските компании, меѓутоа и на другите државни компании една од грижите што ја имаат граѓаните, и мене ме загрижува, потенцира тој, е работењето на овие државни компании, нивото на нивната ниска транспарентност и ниска ефикасност. Затоа, подвлече, сметаме дека граѓаните треба да бидат дел од управувањето со овие компании и тоа по јасни берзански правила.

- И затоа предвидуваме 49 проценти од компаниите, прво ќе започне со ЕСМ, да бидат доделени на сите полнолетни граѓани на Република Северна Македонија. 1,3 милиони граѓани најмалку ќе добијат акции во ЕСМ и подоцна во другите државни компании, истакна Ковачевски. 

Со поделбата на акции на сите полнолетни граѓани во државата што подоцна ќе котираат на берза, појасни тој, граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во управувањето на компаниите. Со тоа, според Ковачевски, ќе се зголеми прво транспрентноста, второ ќе се зголеми ефикасноста, трето граѓаните ќе добијат капитал, четврто граѓаните ќе добијат пасивен приход во форма на дивиденда.

- На крајот на денот граѓаните ќе одлучуваат за тоа каква ќе биде иднината на тие компании, со оглед на тоа дека имаше во минатото голем број на шпекулации дека тие компании се продавале на странци итн., сега граѓаните единствено ќе бидат тие. А никој не може да манипулира 1,3 милиони граѓани во однос на иднината на тие компании. Голем број на граѓани немаа можност во текот на изминатите 30 години да учествуваат во државниот капитал и со ова сега даваме можност сите граѓани во државата да можат да учествуваат во она што е од нивни најголем интерес, рече Ковачевски во Тема на денот. цр/

Фото: СДСМ
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан