• среда, 25 декември 2024

Ковачевски - Шолц: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, Германија е наш партнер на европскиот пат

Ковачевски - Шолц: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, Германија е наш партнер на европскиот пат

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Интензивираниот политички дијалог на највисоко ниво во последниве години, најдобро говори за пријателство и партнерство меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, било заклучено на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со неговиот домаќин германскиот канцелар Олаф Шолц, во рамки на официјалната посета на Берлин.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот изрази благодарност за срдечното гостопримство и можноста да зборува за позициите на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции. 

-За време на разговорот беше истакнато дека Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на Алијансата во одговорот на руската агресија. Ковачевски и Шолц ги потврдија заедничките заложби како кредибилни партнери во НАТО и ја поздравија соработката меѓу државите како дел од ОБСЕ. Северна Македонија високо ја цени поддршката која ја доби и од Сојузна Република Германија за македонското претседавање со ОБСЕ оваа година, се наведува во соопштението.

Премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц говореа за важноста на максимална заложба на Германија за засилување на европската перспектива на нашиот регион, со што ќе се обезбеди стабилност и развој на Западен Балкан.

На средбата, се посочува, беше потенцирано дека Северна Македонија и Германија имаат исклучително висока економска соработа и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на Северна Македонија, со голем број на директни инвестиции на германски компании во земјава.

По одржувањето на тет-а-тет средбата, се одржа билатерална средба и вечера на двете делегации, предводени од Ковачевски и Шолц. На билатералниот состанок од Северна Македонија присуствуваа вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи. На состанокот беше изразена надеж за брза интеграција на Северна Македонија во ЕУ и што побрзо отворање на поглавјата за нашата земја.

Премиерот Ковачевски на средбата потенцираше дека му е благодарен на германскиот народ и Бундестагот за усвоената Резолуција која е конкретен и многу важен чекор што Германија го иницира и ќе биде од клучна важност во напредокот на Северна Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ.

Германија останува посветена на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дава охрабрување во натамошните чекори за приближување кон Унијата, стои во соопштението. 

Во рамки на дводневната официјална посета, премиерот Ковачевски ќе учествува на експертска дискусија во организација на фондацијата Фридрих Еберт (Friedrich Ebert Stiftung) и ќе има средба со претставници на здруженија на македонски иселеници во Берлин, а ќе има работна средба и со главниот извршен директор на Дојче Телеком, Тимотеус Хотгес. вг/ев/

 

Фото: Влада 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан