• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: Целата наша работа и посветеност е и ќе биде да станеме членка на ЕУ

Ковачевски: Целата наша работа и посветеност е и ќе биде да станеме членка на ЕУ

Скопје, 23 март 2024 (МИА) - СДСМ на овие избори ќе понуди луѓе кои ќе ги застапуваат интересите на граѓаните, кои ќе работат на развојот на државата и ќе го забрзаат влезот на Македонија во ЕУ. На граѓаните им ветуваме надеж за подобра иднина и напорна работа секој ден. А со напорна работа, нема недостижна цел, истакна вечерва во својот говор пред делегатите на 28. Конгрес претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Според него, сите нивни залагања, целата работа и посветеност и тешките одлуки што ги донеле во изминатите седум години биле во насока на тоа, земјата што поскоро да стане членка на Европската Унија.

-Ние со конкретни дела покажавме дека за нас нема друга визија и друг пат освен европскиот.  Јас знам дека тој пат не е лесен, особено за нас. Јас на своја кожа почувствува дека Европската Унија не секогаш беше фер кон нас. Но, дали тоа значи дека треба да се откажеме? Апсолутно не! Затоа уште еднаш ќе потенцирам дека на Македонија и е потребна Европската Унија. Тука не зборувам за бркање на европскиот сон! Географски и културолошки, Македонија е составен дел од Европа. Она што нѝ треба и кон кое се стремиме се европскиот стандард, европските вредности и начин на живот, овде и сега, без одлагање и за сите, истакна Ковачевски 

 

Пред делегатите ги претстави носителите и ко-носителите на листите за пратеници на парламентарните избори 2024. Ковачевски е носител на листата на партијата и коалицијата во Првата изборна единица ко-носителка Моника Зајкова од ЛДП, во Втората изборна единица Оливер Спасовски и ко-носител Фатмир Битиќи, во Третата Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, во четворката Венко Филипче и Јована Тренчевска, во петката Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојчевска, додека во Шестата изборна единица листата на СДСМ ќе ја ја предводи Славјанка Петровска а зад неа е Агрон Демири.

Како што кажа, СДСМ е партија која секогаш е отворена пред граѓаните и не се срами да признае дека тие во изминатите седум години правеле и грешки. 

-Знам дека во нашата држава сè уште има граѓани чие секојдневие е тешко, кои живеат во сиромаштија. Знам дека има граѓани кои се заглавени во лавиринтите на правниот систем. Знам дека има многу простор за подобрување на состојбите во здравството и во образованието. Сето тоа го знам!  Но, знам и нешто друго. Во изминатите седум години донесовме и многу храбри и државнички одлуки, рече тој. 

Повтори дека станавме рамноправна членка на НАТО, како и дека по 17 години чекање, конечно се откочени преговорите за членство во Европската Унија. 

Им се заблагодари на сопартијците и досегашните функционери за нивната истрајност и посветеност, посочувајќи дека СДСМ покажала и продолжува да покажува дека е најголемата партија во Македонија со најголем организациски капацитет и најдобар кадровски потенцијал.

-Иако патот е долг и тежок, тој е единствениот што може да донесе суштински промени во нашата земја и нејзината иднина. Затоа што Европа значи солидарност и еднаквост, значи развој и напредок, значи демократија и мир. Затоа, нема откажување од иднината! Борбата за подобра, европска иднина продолжува, рече Ковачевски. 

Според него, на изборите 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу партии и кандидатски листи, туку ќе биде помеѓу надеж и просперитетна иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 чекори назад со ВМРО - ДПМНЕ.  

Ги повика граѓаните на претстојните избори да ги поддржат СДСМ и кандидатот за претседател Стево Пендаровски. 

Осврнувајќи се на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во својот говор Ковачевски рече дека Мицкоски и ДПМНЕ немаат план и визија за Македонија, а кога ќе ги прашаат која е алтернативата, молчат и немаат што да кажат.

-Ништо не е променето во ДПМНЕ, тоа е истата партија на лаги и невистини. Излегоа пред граѓаните и рекоа имале потписи за нивната кандидатка. Прес конференција фрчеа од белата палата за колку часа ги собрале. И на крај самите се фатија во сопствените лаги. ДПМНЕ нема собрани валидни потписи за Силјановска и кандидатурата ја поднесе со четириесетина потписи од пратеници. Како што ги лажираа, како што ги фалсификуваа анкетите така се обидоа да лажираат, да фалсификуваат и потписи. Фалсификатори не можат да донесат друго освен фалсификат, рече Ковачевски. 

Според него, анализата на нивните носители на листи кажува дека „сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски“.

-Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена, рече Ковачевски, според кого, тоа се докажало и на последните локални избори. ев/ар/

ФОТО: СДСМ

 

 

 

Остани поврзан