• среда, 18 декември 2024

Ковачевски - Фон дер Лајен: 80 милиони евра поддршка од ЕУ за Северна Македонија за справување со енергетската криза 

Ковачевски - Фон дер Лајен: 80 милиони евра поддршка од ЕУ за Северна Македонија за справување со енергетската криза 
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Европската Унија на Северна Македонија ќе и даде финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Првата транша е во износ од 80 милиони евра, а средствата ќе бидат на располагање од јануари 2023 година. Како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ова нема да биде единствената помош, бидејќи, како што соопшти и Фон дер Лајен, веќе се размислува и за нова поддршка, на ниво на регионот, не само во грантови, туку за финансирање капитални проекти. -Разговаравме со претседателката на Европската комисија, разговаравме и на ниво на европски комесари за финансии и на ниво на европски комесари за енергетика. Во сите тие разговори учествуваа и министрите за економија и за финансии. Првата транша на помош е 80 милиони евра, грант што ќе биде искористен за буџетска поддршка во државата, до крајот на годината. Во наредните два месеца ќе бидат направени сите формалности и веќе од јануари ќе можеме да ги повлечеме средствата за буџетска поддршка. Тоа значи дека тие финансиски средства во најтешките месеци, јануари, февруари, март, ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени кои Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година кој наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе влезе во Собранието, посочи премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција во Владата. Премиерот потенцираше дека тоа нема да биде единствената помош, туку веќе се размислува и за нова регионална помош за финансирање капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување нови извори на снабдување со електрична енергија. Тука, рече, Ковачевски пред сè се мисли на големи проекти што се планирани во регионот за изградба на гасни централи и на други енергетски постројки за стабилизирање на производството на електрична енергија во целиот регион на Западен Балкан. мч/ки/ https://www.youtube.com/watch?v=bwPwOZJ5HWM

Остани поврзан