• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Утре пред пратениците измените на законите за антикризните мерки

Ковачевски: Утре пред пратениците измените на законите за антикризните мерки
Скопје, 9 март 2022 (МИА) -   Уште утре пред пратениците ќе се најдат измените на законите кои се важни за имплементацијата на мерките кои Владата ги определи за ублажување на кризата, најави премиерот Димитар Ковачевски. -Потпишани се измените на Законот за акцизи и на Законот за данок на додадена вредност и апелирав до сите пратеници да се на ниво на задачата, и согласно кризата, тие да гласаат за што побрзо за да почне нивната примена, рече Ковачевски во вечерашното гостување на ТВ 24. Буџетот за 2022 година, укажа, беше планиран со намалени трошоци за 8 проценти. Трошењата за мебел, автомобили и други непродуктивни трошоци се на минимум. Предвидени се програми во рамки на Буџетот кои се наменети како резерви за покривање на недостатоците и високите цени на електрична енергија. Премиерот истакна дека ова е најголемата криза што ја зафатила Европа по Втората светска војна и оти никој не може да предвиди до каде ќе оди.-Цената на нафтата во последните пет дена расте по 100 долари дневно. Ние сме земја што 100 отсто увезува нафта и нафтени деривати и очекувам дека цената ќе продолжи да расте, рече Ковачевски, објаснувајќи дека Буџетот ги предвидува сите давачки и задолжувања и оти сите дополнителни трошења сега се во рамките на предвидениот план. Информираше дека една од препораките до министерствата и институциите е максимално да се рационализираат трошоците. Да не се набавува и троши, потенцираше, се што е неопходно. Намалувањето на трошењето не се однесува само на службените возила, туку и на трошењата за репрезентација и службени патувања. -Сите слободни средства од министерствата и јавните претпријатија се пренаменуваат за справување со енергетската криза. Мора да се одржи ликвидноста на сите компании во енергетскиот сектор, рече Ковачевски, посочувајќи дека не може да бараат од граѓаните да штедат, ако примерот не го дадат политичарите. Повтори дека имаме доволни количини резерви со нафта. - Имаме резерви на нафта согласно нашите потреби, ние можеме да ја купиме цела нафта на светот, но мораме да ја складираме некаде. Производителите на нафта низ целиот свет плаќаа за чување на нафтата низ секакви складови. Цената на нафтата која ја имаме во резерва е со пониска цена, но количините се ограничени и тие што можете да ги купите и тие што може да ги складирате, рече Ковачевски. Како што наведе, еден отсто од потрошувачите трошат 20 отсто од струјата и се разгледува можност да плаќаат повеќе. -Еден отсто од малите потрошувачи и домаќинствата користат 20 отсто од електричната енергија. Се разгледуваат можностите, а Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука, тие да плаќаат струја по повисока цена, бидејќи домаќинство што користи толку струја не троши само за домашни потреби, рече Ковачевски. Објасни дека цената за електрична енергија што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи е субвенционирана од страна на државата. - Тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија ќе има тарифни модели за да платат повеќе. На сметка на тоа, други ќе платат помалку, смета премиерот и посочува дека надлежните треба да излезат и да кажат за што се користи таа енергија од тие еден отсто кои трошат многу повеќе од останатите. Со диверзификацијата на изворите на гас, смета премиерот, ќе дојде до намалување на неговата цена-Република Северна Македонија веќе донесе одлука за влегување во проектот Александрополи, што е терминал за течен гас. На тој начин ќе имаме диверзификација на изворот на гас со што ќе се намали цената. Преку тој терминал ќе се задоволат 100 отсто од потребите за гас кои Северна Македонија ги користи. Освен тоа, во Енергетската стратегија има и изградба на ветерни паркови и фотоволтаични централи, за што се отворени проекти од приватни инвеститори, како и државни инвестиции на старите наоѓалишта во Осломеј, каде што веќе е изградена фотоволтаична централа, рече Ковачевски.Информираше и дека е во план и изградба на гасна централа, за што ќе се собираат понуди од странски инвеститори, а се разгледуваат и можносите за трансформација на постојните термоелектрани во гасни електрани.лв/вј/

Остани поврзан