• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Стоиме рамо до рамо со нашите сојузници, вредностите на НАТО и ЕУ се и наши вредности

Ковачевски: Стоиме рамо до рамо со нашите сојузници, вредностите на НАТО и ЕУ се и наши вредности
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - Република Северна Македонија го слави Денот на НАТО со полно право како 30-та земја членка на Алијансата – најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски и демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 Април, настан во организација на  Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел. На Денот на НАТО, Ковачевски рече дека гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и заедно градиме просперитетно, мирно и слободно општество – вредностите на НАТО и ЕУ и вредности на граѓаните на Северна Македонија - Ние сме НАТО. Ковачевски, исто така, порача дека ни се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање и Северна Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ. - Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ, изјави Ковачевски. Северна Македонија, порача Ковачевски целосно ја усогласи својата надворешна политика со политиките на НАТО и ЕУ, ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците, и ја оценивме руската воена агресија во Украина како неиспровоцирана и неоправдана и како сериозно кршење на меѓународното право и брутално загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. - Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно запирање на воената агресија, а преземањето на активности за економска изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности, изјави Ковачевски. Северна Македонија, рече тој, е одлучна да придонесе во справувањето со овие ризици преку заеднички пристап и соработка со нашите НАТО партнери и со институциите и агенциите на ЕУ. Претседателот на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, Исмет Рамадани, на отворањето на настанот, порача дека одбележувањето на Денот на НАТО, тие како совет во изминатите 25 години промовираат евроатлански вредности и понекогаш бараат и нудат поддршка за сите влади, само под еден услов – се додека се двигател на евро-атлантските вредности. - Порака до сите европски претставници. Во овие тешки времиња, кога се наоѓаме пред економска, политичка и безбедносна криза, да направиме еден ангажман сите заедно, со взаемен интерес, што побргу да се отворат преговорите со ЕУ и што подинамично да стапиме како членка на ЕУ, за да ја заокружиме и втората стратешка цел како држава, изјави Рамадани. Традиционалниот настан „Денот на НАТО – 4 Април“, е активност на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија која покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, служи како настан чија цел е да ја информира пошироката јавност за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата. На настанот, е предвидено да се обратат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз и заменик помошничката на Генералниот секретар за јавна дипломатија на НАТО Кармен Ромеро. ки/аа/

Остани поврзан