• четврток, 19 декември 2024

Ковачевски: Средствата за петтиот пакет мерки се во буџетот уште при планирањето, Собранието треба да ги донесе законите

Ковачевски: Средствата за петтиот пакет мерки се во буџетот уште при планирањето, Собранието треба да ги донесе законите
Скопје, 24 март 2021 (МИА) - Средствата за реализација на петтиот пакет мерки уште во планирањето се одвоени во буџетот, кој е ликвиден и може да ги исплаќа сите обврски што произлегуваат од надлежностите на Владата, истакна заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Во гостување во дневникот на ТВ Сител Ковачевски апелираше петтиот пакет антикризни мерки да не се блокира, потенцирајќи дека тие средства не се за Владата, туку се, како што рече, за граѓаните, за оние што се најранливи, за компаниите за поддршка за плати. 

-Сите ние сме свесни, сите политички субјекти, сите граѓани и сите компании  дека поддршката на плати, мерката за поддршка на плати минатата година одигра огромна улога во заштитата и зачувувањето на работните места. Над 100 000 работни места беа зачувани заради поддршката на плата и ние знаејќи дека во првиот квартал ќе биде се уште ефектот на здравствната криза предвидовме финансиски средства кои се дел од тоа законско решение. Собранието е тоа коешто треба да ги донесе законите. Средствата се во буџетот.  Слушам дека има одредени изјави дека тие не биле ставани на дневен ред затоа што немало средства во буџетот.  Тоа не е точно. Во буџетот уште при планирањето за буџетот за 2021 година тие средства се наоѓаат во буџетот на РСМ којшто е ликвиден и којшто може да ги исплаќа сите обврски коишто се и коишто произлегуваат од надлежностите на Владата, истакна Ковачевски.

Заменик министерот наведе дека приходите во буџетот се на повисоко ниво во однос на приходите од истиот период лани, односно пред кризниот период. -Вкупните приходи се реализираат со 3,3 проценти повисоко од истиот период минатата година и тоа се должи пред се на даночните приходи коишто се повисоки за 4,3 проценти во однос на лани, што се должи на растот на ДДВ од 9,8 проценти и данокот на добивка од 3,2 проценти при што, исто така, за 4,4 проценти се зголемени и увозните давачки. Придонесите, исто така, се на повисоко ниво и се повисоки за 3,3 проценти во однос истиот период од минатата година, рече заменик-министерот за финансии додавајќи дека расходите се извршуват редовно и навремено и дека  некои се извршуваат и предвремено како што се пензиите, кои со одлука на Владата ќе се исплата на 29 март, рече Ковачевски.

Тој информира и дека дефицитот се реализира согласно планараната динамика, како што е предвидено во буџетот за 2021 година.

-Засега се се одвива согласно претпоставките и проценките на Министерството за финансии со што предвидената стапка на економиски раст од 4,1 проценти ние во овој момент сметаме дека ќе биде остварена со тоа што секогаш будно дневно  ја следиме ситуацијата и доколку има пролонгирање на здравствената криза тогаш секако ќе постојат корективни мерки, рече Ковачевски. 

На дневно ниво, дополни, секој може да ја следи реализацијата на приходите, расходите, капиталните инвестиции и јавниот долг во државата преку Фискалниот бројач, што, како што рече, од една страна дава големо ниво на транспарентност како на многу малку места во светот, а од друга страна им дава доволно информации и сигурност на граѓаните и на компаниите во водењето на јавните финансии.  Ковачевски за пописот оцени дека е исклучително значајна статистичка операција која ќе овозможи државата, економијата, граѓаните да ги носат одлуките врз основа на фактички податоци, а не врз основа на претпоставки, како што е сега. Тој додаде дека ние сме една од ретките држави без попис, а без податоците од пописот кои не се однесуваат само на населението, туку и на други параметри, многу е тешко да се планираат чекорите, одлуките на Владата, локалната самоуправа, стопанството и граѓаните. Политичките субјекти кои се обидуваат да го спречат пописот прават лоша услуга за државата и за нејзино подобро управување, рече заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски. скс/мч/

Остани поврзан