• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Србија и Косово да ги направат вистинските чекори за стабилност на целиот регион

Ковачевски: Србија и Косово да ги направат вистинските чекори за стабилност на целиот регион

Гранада, 5 октомври 2023 (МИА) - Тука сме да создаваме, а не да растураме. Порачуваме дека Србија и Косово треба да бидат за мир и треба да направат се да ги повлечат вистинските потези, да ги направат вистинските чекори за безбедна иднина на своите граѓани, на своите народи, меѓутоа и за стабилност на целиот регион, изјави премиерот Димитар Ковачевски, и уште еднаш ги повика, како земја сосед конфликтите да се решаваат во рамки на веќе потпишаните договори, јави специјалниот известувач на МИА од Гранада.

Ковачевски, посочи дека во рамки на состанокот на Европската политичка заедница денеска во Гранада, разговарал одвоено со претседателите на Србија и на Косово.

- Нормално како соседни земји имав разговори и со господинот Еди Рама и со најголемиот дел од лидерите. Можам да кажам дека мирот и стабилноста се суштина за било која регионална иницијатива чија цел е пред се економски просперитет, но и надминување на ограничувањата и предизвиците помеѓу земјите, изјави Ковачевски, одговарајќи на прашање на МИА.

Во нашиот регион, посочи тој, постојат над 70 регионални иницијативи, чија цел е токму ова надминување на ограничувањата коишто постојат помеѓу државите и зголемувањето на соработката помеѓу економиите и помеѓу граѓаните на сите полиња. 

- Бидејќи ако нема мир, нема да има ниту Отворен Балкан, нема да има ниту Берлински процес, а по слична аналогија ќе треба да се преиспитуваат и  други меѓународни организации и иницијативи коишто вклучуваат голем број на земји. Еве земете го примерот на ОБСЕ, ние сме земја која што претседава со ОБСЕ во најтешката година за Европа. Во ОБСЕ членуваат и Русија и Белорусија и Украина и во ОБСЕ имаме држава која што има нападнато друга земја членка и можете да замислете каков е предизвикот да се претседава со една таква организација која што на моменти функционира во услови на блокада, па и на парализа. И треба многу вештина за да организацијата продолжи да делува, појасни Ковачевски. 

Ние како земја, посочи Ковачевски, сме многу јасен пример дека преку активен и отворен дијалог се решаваат сите отворени прашања и дома, меѓутоа и со соседите.

-Навистина верувам дека овој регион може многу повеќе и може многу подобро и стоиме на располагање на сите процеси со нашето искуство и со реална поддршка се со цел да се обезбеди мир и стабилност во регионот кој треба и мора што поскоро да биде дел од ЕУ, изјави Ковачевски.  

Тука сме да создаваме, а не да растураме. Порачуваме дека Србија и Косово треба да бидат за мир и треба да направат се да ги повлечат вистинските потези, да ги направат вистинските чекори за

Во однос на изјавата на министерот Османи дека „доколку се докаже дека Србија на каков било начин е вклучена во нападот во Северно Косово, потребно е преиспитување на нашето учество во Отворен Балкан“, Ковачевски рече дека ставот на Владата е непроменет.

- Ставот на Владата бидејќи министерот Османи појасни денес дека тој својот став го има дадено од позиција на потпретседател на политичка партија, ставот на Владата останува непроменет дека како држава имаме конструктивна улога и учество во сите регионални иницијативи вклучувајќи го и Отворен Балкан, се додека тие иницијативи носат конкретни придобивки за граѓаните за државите, за економите, за бизнисите на земјите коишто се дел од овие иницијативи. Исто така ние сме активен учесник и депонент на веќе потпишаните договори од Берлинскиот процес и секогаш ќе бидеме дел од иницијативи коишто не се во колизија со нашите стратешки определби за членство во организации коишто регионот го носат кон полноправно членство во ЕУ. Меѓутоа останува оценката дека за да има успешни регионални иницијативи прво мора да има мири мора да има стабилност, и да има почитување помеѓу сите соседни земји коишто учествуваат во тие иницијативи, изјави Ковачевски.

За десет дена, рече Ковачевски, ќе бидеме во Тирана кои што оваа годна се домаќин и претседаваат со Берлинскиот процес, и „замислете каков ќе биде тој состанок на којшто треба на иста маса да седат земји коишто помеѓу себе имаат проблем во елементарната комуникација“. 

- Затоа велам да за интеграција, да за соработка, меѓутоа никако не за конфликти. И затоа еве уште еднаш апел од Северна Македонија како земја сосед да конфликтите се решаваат во рамки на веќе потпишаните договори коишто земјите ги имаат со добра волја и се со цел за подобра иднина на народите коишто живеат во сите држави во нашиот регион, изјави Ковачевски. аа/нд/

Фото: МИА архива/Влада

 

 

Остани поврзан