• сабота, 28 декември 2024

Ковачевски: Со Медат Куртовски, Скудриње за првпат доби детска градинка

Ковачевски: Со Медат Куртовски, Скудриње за првпат доби детска градинка

Дебар, 17 август 2022 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски доцна попладнево се сретна со жителите на најголемото долнореканско село Скудриње, родното место на кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Медат Куртовски.   

Со Куртовски како градоначалник, рече Ковачевски, Скудриње за првпат доби детска градинка, која е и прва градинка на територијата на Општина Маврово и Ростуше.  

Додаде дека во Скудриње, место каде функционира локална фабрика, каде работат поголем дел од мештаните, благодарени на Куртовски се создаваат услови за подобар живот на секој еден жител.  

-Во досегашниот мандат извршена е реконструкција на локалниот пат за село Скудриње во должина од 2.5 километри со вкупна вредност од 11.496.037 денари, со што се  доби поголема безбедност во сообраќајот и се подобри движењето на возилата на жителите и посетителите кон ова населено место. Изградена дел од канализациона мрежа во населба Падина во село Скудриње,  изработени се и шахти за приклучок на мрежата, нагласи Ковачевски.  

Тој спомна дел од повеќето проекти кои се реализирани во периодот од кога прв човек на оваа општина е токму Куртовски.   

-Извршена е санација на водоводната линија, на доводната цевка која поминува низ река Радика и денес е обезбеден сигурен протек на водата до Скудриње, а изработени се ажурирани геодетски подлоги за населените места Маврови Анови, Ростуше, Требиште и дел од Скудриње, со цел урбанизирање на овие населени места. Изграден е потпорен ѕид на локалниот пат на местото каде што се појави свлечиште. Проектот е во вредност од 1.000.000 денари. Со ова е зголемена безбедноста иа жителите и возилата, рече Ковачевски.  

Во наредниот период, со Куртовски како градоначалник, во Скудриње ќе се изградат улици во населбата Падина и Шуплица, нагласи тој и вети дека Скудриње ќе добие нов паркинг простор, а ќе се уреди и паркингот во месноста Бигорец. За најмалите ќе се уреди детско игралиште, а ќе се исчистат и уредат дивите депонии.   

-Жителите на Маворово и Ростуше знаат дека со Медат Куртовски, општината станува еколошка и чиста општина, со уредени улици и решени поблеми на граѓаните.  Потребен е градоначалник кој има слух за барањата на граѓаните, а Медат Куртовски го има токму тоа, порача лидерот на СДСМ. 

Попладнево Ковачевски ги посети и селата Аџиевци и Присојница. вт/дма/

Остани поврзан