• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Сите министерства, институции кои работеа на договорот „Бехтел и Енка“ им се на располагање на пратениците, експертите, невладините 

Ковачевски: Сите министерства, институции кои работеа на договорот „Бехтел и Енка“ им се на располагање на пратениците, експертите, невладините 

Скопје, 21 април 2023 (МИА) - Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски, во интервју за дневникот на Сител, потсетува на обврзувачките процедури кои ги има во секој вид договор, односно за нивото на доверливост. Договорот, како што рече, ќе го добијат пратениците и ќе се уверат дека се запазени сите законски процедури, а е достапен до сите оние инстанци кои имаат право да го добијат согласно постапките и процедурите во државата.

Тој нагласи дека инфраструктурното делување во нашата држава е поддржано и од страна на Амбасадата на САД. -Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму Бехтел е една од најголемите американски компании во делот на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури. Комитетот којшто работеше на подготовка на договорот и сите ресорни министерства ќе им бидат на располагање на пратениците, исто како што беа на располагање на медиумите во два наврати преку детални брифинзи да го објаснат. Истото тоа ќе се направи и за експертската јавност и за невладините организации. Целта ни е сите да се уверат дека се работи за проект којшто, прво е најголем проект, има огромно значење и заедно со другите проекти ќе има позитивен ефект на македонската економија, рече Ковачевски

Тој додаде дека овие инвестиции на годишно ниво ќе значат најмалку 2 отсто зголемување на БДП на државата, зголемување на вработеноста, бидејќи голем број вработени ќе работат на овој проект. Воедно, посочи тој, тоа ќе значи и зголемување на економската активност во голем број други области, односно за придружни индустрии од сместување на работниците, од подготовка на храна, логистика итн.Изградбата на коридор 8 и коридор 10-д, нагласи тој, е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, а со нивната изградба Северна Македонија ќе има голем економски развој и ќе влезе во мрежата на главните трансевропски коридори. -Овој проект ќе претставува голем поттик за македонската економија со оглед на тоа дека доколку ги собереме сите инвестиции кои се веќе започнати во државата, значи покрај овој патен правец коридор 8 и коридор 10-д, ние веќе се наоѓаме во фаза на изградба на пругата кон Бугарија, потоа се планира исто така изградба на пруга и кон Албанија. Веќе министерот за транспорт и врски е во разговори. Јас ги завршив разговорите со колегата Вучиќ во делот на брзата пруга којашто ќе биде градена од Будимпешта – Белград, Белград до македонската граница. И веќе сме во фаза на потпишување на меморандум брзата пруга да продолжи и до нашиот главен град до новата железничка станица во Скопје. Со тоа ќе обезбедиме модерна инфраструктура којашто ќе овозможи државата да има поголем економски развој и порамномерен регионален економски развој, рече премиерот Ковачевски. вг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан