• среда, 25 декември 2024

Ковачевски: Сега се потребни 2,1 минимална плата за една потрошувачка кошничка, во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа потребни 4,5 минимални плати

Ковачевски: Сега се потребни 2,1 минимална плата за една потрошувачка кошничка, во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа потребни 4,5 минимални плати
Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Кога беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, беа потребни 4,5 минимални плати за една потрошувачка кошничка, а сега се потребни 2,1 минимални плати за една потрошувачка кошничка. Имаме дупло зголемување на стандардот на работниците кои работат со минимална плата, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
 
Тој вечерва на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“ изрази задоволство што системските решенија за усогласување на минималната плата даваат резултати и што со мартовската исплата минималната плата ќе изнесува 20.175 денари.  
 
Во однос на усогласувањето на платите, Ковачевски рече дека сите плати се усогласени во приватниот сектор, но доколку некаде има неусогласеност, тогаш треба секој работник да реагира. Во однос на платите во јавниот сектор, премиерот посочи дека за ова треба да се отвори дискусија со синдикатите коишто ги застапуваат работниците од јавниот сектор и дека тука треба да се зборува и за продуктивноста.
 
- Едно е зголемување на плата, меѓутоа исто така друго е и зголемување на продуктивноста и давањето на услуги на граѓаните, бидејќи на нас кои работиме во јавниот сектор, вие од приватниот сектор ни ја плаќате платата, вие очекувате подобри услови, рече Ковачевски.
 
Во понеделник, како што најави, претставници на Синдикатот ќе бидат повикани во Министерството за економија бидејќи постои недоследност во пресметувањето на минималната потрошувачка кошничка. 
 
- Во последната пресметка, дали заради превид или одредена техничка грешка, постои двојно пресметување на инфлацијата, рече Ковачевски. бак/
 
Фото: Влада

Остани поврзан