• недела, 24 ноември 2024

Предлог законот за амнестија ќе биде проследен до Собрание, најави Ковачевски

Предлог законот за амнестија ќе биде проследен до Собрание, најави Ковачевски

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) – Предлог законот за амнестија е спроведена постапка за која министерот за правда Кренар Лога во наредните два дена ќе има детален брифинг со претставниците на медиумите, а во меѓувреме тој ќе биде проследен до Собрание, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

На денешната прес-конференција по седницата на Владата, одговарајќи на новинарско прашање во врска со Законот за амнестија кој беше предвиден за денешната владина седница, Ковачевски потсети дека Законот беше на претходната седница, на која беше одлучено дека треба да биде усогласен номотехнички со секторот законодавство и други делови од кои што едниот беше третманот на осуденици во странство, согласно меѓународните конвенции. 

- Тоа е направено во меѓувреме. Во текот на наредните два дена, односно 48 часа, министерот за правда, Кренар Лога, ќе има детален брифинг со претставниците на медиумите за овој закон, кој што истовремено ќе биде доставен до Собранието. Што значи дека се работи за спроведена постапка и министерот за правда кој што ги знае сите детали во овој закон и за кој што тој веќе информираше и го имаше доставено на разгледување до пратеничките групи во Собранието пред да биде финално изготвен, ќе има детален брифинг со медиумите, рече премиерот.

Ковачевски претходно изјави дека Предлог законот за амнестија со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела, не се однесува за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон.

-  Законот за амнестија кој е во владина процедура се однесува за одредена категорија затвореници и осуденици кои веќе се на издржување казни и не се однесуваат за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон, изјави премиерот, одговарајќи на обвинувањата на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, дека СДСМ И ДУИ подготвуваат амнестија во договор со ВМРО - ДПМНЕ за да обезбедат гласови за уставните измени.

Законот не доби поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а лидерот Христијан Мицкоски, најави дека не само што нема да го поддржи, туку преку демократски алатки ќе го блокира.

-Тој закон кој што е предложен и на јавноста достапен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно. За жал, тие политички партии, или дел од тие политички партии денеска се од Владата и можете да видите дека таквиот закон не одговора, ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира, рече Мицкоски.

Целта на Законот, според Министерството за правда, е да се овозможи растоварување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа било потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување ”од член 353,  „Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово базирано насилство, информираше Министерството за правда.

Амнестијата,укажува ресорното Министерство, не се однесува за кривични дела „Разбојништво” од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, „Несовесно работење во службата” од член 353-в, „Примање поткуп” од член 357, „Давање поткуп” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.

Исто така, амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година, не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во државава,  како и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон. ар/са/

ФОТО/МИА

 

Остани поврзан