• вторник, 12 ноември 2024

Ковачевски предлага разрешување на министрите од Алтернатива и замена со кадри на АА

Ковачевски предлага разрешување на министрите од Алтернатива и замена со кадри на АА

Скопје, 12 февруари 2023 (МИА) - Политичката партија Алтернатива денеска попладне во партиското седиште во Тетово ќе одржи седница на Централното собрание, по која се очекува став за натамошното делување откако со Предлогот за реконструкција на Владата, што беше испратен вчера во Собранието, премиерот побара разрешување на нивните министри.

На министерските места за здравство, за информатичко општество и администрација и ресорот за дијаспора со кои раководеа се предложени кадри од Алијанса за Албанците, со којашто завчера беа заокружени преговорите за приклучување во влдината коалиција. 

Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 15 часот ја закажа седницата  за Предлогот за реконструкција на владиниот кабинет за нови четворица министри и пет заменици министри.

Кренар Лога е предложен за министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу  за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, додека за нов министер за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ, на местото на досегашниот Насер Нуредини од ДУИ. Лога ќе го замени Никола Тупанчевски од СДСМ, Меџити треба да биде на местото на Беким Сали од Алтернатива, а Алиу на местото на Адмирим Алити, исто така од Алтернатива.  

Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. За заменик министер за одбрана  е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда  е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука - Агим Нихиу од ДУИ. На седницата треба да се гласа за разрешување на Башким Хасани од функцијата заменик министер за одбрана, Абдулќушур Абедини од заменик министер за земјоделство и Лулзим Алиу од заменик образование. 

Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски вчера на прес-конференција рече дека на Алтернатива и била понудена опција за продолжување на соработката и дека СДСМ јавно соопштил оти има намера соработката да продолжи.

-Алтернатива е добредојдена и нашата врата е отворена за некаква наредна соработка, не само кон оваа, туку и кон сите политички партии или пратеници што и мислат добро на државата и коишто ќе застанат зад европскиот пат на државата како наша стратешка заложба, рече Каевски одговарајќи на прашање дали очекуваат Алтернатива да остане во Владата.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, новите измени на составот на Владата се резултат на „Пазар 3 коалицијата“, а не последица на стабилен договор за развој на државата.

-Новите измени се да се одржи историски најнеспособната влада во вештачка кома, на апарати, и да се спасат бизнисите и тендерите за уште некој месец повеќе, а не да се подобри очајната состојба во која се наоѓа земјата поради неспособноста и криминалот на дуото Ахмети-Ковачевски. Додека со месеци се договараат, луѓе умираат поради недостиг на лекови, инфлацијата се зголемува, имаме студена војна со Бугарија, по предложениот состав јасно е дека не договарале квалитет, туку договарале бизниси и тендери, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, упатувајќи критики за предложените нови кадри во ресорот правда.

Демократскиот сојуз бара Собранието да одржи седница на која ќе се расправа за студентскиот стандард и другите проблеми со кои се соочуваат студентите и да се донесат конкретни решенија преку

Од Демократски сојуз, еден од коалициските партнери во власта, соопштија дека не се подготвени да поддржат нов партнер во Владата доколку, како што велат, се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени.

-Освен персоналниот состав на Владата, за Демократскиот сојуз и пошироко за јавноста се клучни програмските определби, поради што бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста, наведоа во соопштение од Демократски сојуз.

 

Алијансата за Албанците, пак, во Декларација што ја објави вчера за приклучувањето во владината коалиција, наведе дека се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога, како што велат, Северна Македонија се соочува со голем број кризи, кои што сите ја одредуваат прозападната ориентација на земјата.

-Алијанса за Албанците ја презема одговорноста како државотворна партија, убедена дека со искреност и чистота, со транспарентност и демократија ќе произведеме вредности и резултати, за доброто на граѓаните и за доброто на економијата, демократијата и правдата во Северна Македонија, се вели во Декларацијата, во која се потенцира и дека ги избрале најдобрите кадри за учество во власта. 

Од СДСМ, пак, најавуваат дека со АА ќе бидат максимално посветени на: реализирање на Програмата на Владата, зголемување на ефикасноста на Собранието и институциите, спроведување на мерките за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зајакнување на економијата, борба против криминалот и корупцијата, поддршка на стратешкото партнерство со САД, на одлуките и реформите за продолжување на европскиот пат и остварување на полноправно членство во ЕУ.
 
Приоритетие на заедничката соработка се: Владеење на правото и борбата против корупцијата,  Држава за сите, Рамноправен економски и територијален развој, Развојна држава и зелена енергија и  Здрави граѓани. За тие клучни приоритети се обврзуваат за изготвување на конкретни законски решенија, законски измени и подобрувања, мерки и политики за нивна реализација до крајот на мандатот.фф/лв/
 

Остани поврзан