Ковачевски од Јанче: Со СДСМ се развива секое населено место во Маврово и Ростуше, Куртовски е изборот на граѓаните
- Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска ги заврши денешните активностите во рамки на кампањата за изборите за градоначалник на општина Маврово и Ростуше со посетата на селото Јанче
Гостивар, 16 август 2022 (МИА) - Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска ги заврши денешните активностите во рамки на кампањата за изборите за градоначалник на општина Маврово и Ростуше со посетата на селото Јанче и средба со тамошните жители.
Ковачевски посочи дека Маврово и Ростуше е општина која изобилува со раскошна убавина и дека заслужува градоначалник кој го препознава потенцијалот на овој крај и работи за негов просперитет, а тоа е, како што рече, токму Медат Куртовски.
- Секое место, без разлика дали е помало или поголемо, заслужува да чекори по патот на развојот, а тоа го овозможи кандидатот за градоначалник, Медат Куртовски. Во Јанче асфалтиран е мостот за влезот во селото. Со ова се санирани оштетувањата на мостот и се подобри движењето на возилата, рече лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој се осврна и на плановите во наредниот период за ова долнореканско село и при тоа најави: реконструкција на патот од мостот до центарот на село, уредување и регулирање на суводолицата низ село, уредување на просторот во училиштето за музеј и чистење на дивите депонии.
Ковачевски упати порака до граѓаните и да ја дадат поддршката за нивниот кандидат.
- Јанче својот избор веќе го има направено и на 20 август, жителите ќе ја потврдат довербата за Медат Куртовски и СДСМ, заклучи Ковачевски. згм/нд/