• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски од Рим: Со СДСМ членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел

Ковачевски од Рим: Со СДСМ членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Рим, Италија, присуствивал и се обратил на заедничкиот настан на Италијанската социјалистичка партија и Италијанската демократска партија во соработка со Европскиот форум за деморактија и солидарност и ЦИЕ Мрежата за родови прашања, соопшти СДСМ.

На настанот, на кој присуствувале и Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка и прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, како и Бисера Костадиновска - Стојчевска, потпретседателка на СДСМ и министерка за култура, Ковачевски говорел за прогресивните политики кои ги имплементира СДСМ, а кои се посветени на унапредување на демократијата, социјалната правда, економскиот развој и благосостојба на граѓаните и политиките за родова еднаквост за која СДСМ е предводник во Северна Македонија.

Во обраќањето, тој се осврнал на политиките на СДСМ кои овозможија позитивни резултати изминативе години.

-Кога зборуваме за социјална правда, мора да посочам дека дека ја зголемивме социјална помош за 300 отсто, ги зголемивме пензиите за 50 отсто, ја намаливме невработеноста од 25 отсто на 12,8 отсто, ги зголемивме платите, и тоа минималната плата четири пати, просечната плата 70 проценти, го зголемивме бројот на вработени, ги удвоивме странските инвестиции и ги поддржавме домашните компании и инвеститори. Ова се резултати на влада што враќа пари назад кај граѓаните, а не се фокусира на градење патриотски споменици кои го билдаа егото на авторитарниот режим како што го имавме 11 години, посочил Ковачевски во обраќањето.

Тој се осврнал и на фактот дека по доаѓањето на СДСМ на власт, кај сите параметри за демократски напредок се бележи напредок, како што е и фактот дека од 118 место, денес сме на 38 место во однос на слободата на медиумите.

Говорејќи за заложбите на СДСМ за унапредување на родовата еднаквост, Ковачевски истакнал дека во неговиот мандат како премиер, 50 отсто од министрите од редовите на СДСМ беа жени, нешто што досега ниту една Влада не успеала да го постигне. Ковачевски истакнал дека се залага за понатамошно унапредување на застапеноста на жените во политиката, но и во останатите сфери на општествено делување, бидејќи родовата еднаквост е еден од темелите на социјалдемократските прогресивни политики кои ги спроведува СДСМ.

Ковачевски посочил дека СДСМ, како државотворна и прогресивна партија ќе продолжи да испорачува прогресивни и проевропски политики, и со таква програма и ќе настапи на претстојните избори годинава. Тој нагласил дека СДСМ останува посветена на реформите кои ќе обезбедат европска иднина за граѓаните на Северна Македонија, и ќе продолжи да се залага за имплементација на Планот за раст кој ќе помогне за што побрза интеграција на регионот во единствениот европски пазар.

-Членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел, истакнал Ковачевски пред учесниците на заедничкиот настан на Италијанската социјалистичка партија и Италијанската демократска партија во соработка со Европскиот форум за деморактија и солидарност и ЦИЕ Мрежата за родови прашања. дма/лв/

Фото: СДСМ

 

 

Остани поврзан