• среда, 18 декември 2024

Ковачевски: Од ноември треба да почне исплатата на помошта за ранливите категории граѓани и пензионерите

Ковачевски: Од ноември треба да почне исплатата на помошта за ранливите категории граѓани и пензионерите
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Планот е од ноември да почне исплатата на финансиската поддршка за ранливите категории граѓани и за пензионерите, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за помошта што ја определи Владата за справување со енергетската криза во државата. Тој, во интервјуто на ТВ 24 појасни дека исплатата на неколкумесечната финансиска поддршка за најранливите категории на граѓани, односно 41.878 лица коишто ќе добијат вкупна поддршка од 12.000 денари, односно четири месеци по 3000 денар и поддршката за пензионерите  кои земаат пензија во висина од 11.525 денари до 14.000 денари, ќе оди со измени во законската регулатива. - Денеска на Влада донесовме одлука да се подготви закон за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани во време на криза. Намерата е од ноември да почнат исплатите на финансиските средства за овие категории на граѓани, 41.878 од ранливите категории и на 130 000 од категоријата на пензионерите. Се опфаќа поширок спектар на граѓани. Од ноември е планот да почне. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници во Собранието ќе бидат на висина на својата задача и веднаш, штом ќе биде во текот на оваа недела доставено законското решение, дека ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде одобрено, нагласи Ковачевски. Ковачевски најави и дека ќе се обезбеди продолжување на субвенционирањето на електрична енергија за 610 000 домаќинства и 72 000 мали потрошувачи со средства од Буџетот. - Вкупната сума која ќе биде исплатена од Буџетот надминува 220 милиони евра само за субвенција на струјата која ја плаќаат граѓаните. Доколку не е таа субвенција, која ја дава државата преку ЕСМ за да може да произведе струја која е поевтина и да ја продаде по пониска цена од пазарната на ЕВН, сметките на граѓаните би биле петпати поголеми, рече Ковачевски. Премиерот нагласи и дека оваа година нема да има ребаланс на Буџетот, туку ќе се пристапи кон прераспределба на средствата. - Секоја промена на Буџетот оди како ребаланс или како прераспределба, која исто така ја спрема Владата и се поднесува на одобрување во Собранието, таква една ќе имаме сега од над 100.000 милиони евра каде што се кратат одредени трошоци за коишто сметаме дека не се неопходни во услови на криза, да се пренаменат за справување со кризата, односно обезбедување на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија, храна и исплата на антикризните мерки. Тоа значи дека приходите на Буџетот, задолжувањето кое што го направивме како и дефицитот којшто е проектиран обезбедуваат исплата и финансирање на сите овие издатоци коишто се предвидени, појаси Ковачевски. Премиерот, осврнувајќи се на заемот обезбеден од ММФ, рече дека тој ќе биде повелекуван оваа година, идната и година по неа и оти каматата е помеѓу еден и два проценти, а потоа дека ќе оди сукцесивно враќањето, како што заздравува буџетското функционирање на државата. - Бевме обвинувани од опозицијата и се потврди дека е без основа и од постигнатиот договор се гледа дека од добрите економски политики, стабилната и фискална и монетарна политика, ММФ го одобри овој инструмент. Тој ќе биде исплаќан оваа година, идната и наредната година и каматата е помеѓу еден и два проценти, а потоа сукцесивно оди враќањето, како што заздравува буџетското функционирање на државата. Овој инструмент се користи за поддршка на буџетот и девизните резерви, потенцираше Ковачевски. см/сп/

Остани поврзан