• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски: Од нас зависи колку брзо ќе ги исполниме условите, нашата цел мора да остане ЕУ

Ковачевски: Од нас зависи колку брзо ќе ги исполниме условите, нашата цел мора да остане ЕУ

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи, како и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија. Членството во ЕУ зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од заемна корист и за двете страни, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).

Како што истакна Ковачевски, ЕУ на земјите од Западен Балкан им даде вистинска шанса да се интегрираат во Унијата. Особено е важен, нагласи премиерот, најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форумот во Братислава во мај годинава ја промовираше заедничката цел на забрзување на евроинтеграцискиот процес. Овој план, нагласи Ковачевски, отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата. 

Тој порача дека земјите од Западен Балкан заедно треба да бидат фокусирани на справување со предизвиците кои им стојат на патот на просперитетот.

-Нашата насока треба да биде јасна, како да се справиме со корупцијата во јавните набавки, во незаконското стекнување имот, во конфликтот на интереси, со нелегалните финансии. Сите треба да ги зајакнеме нашите напори и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани. Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите, а од внатрешно-политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме. Но, едно е сигурно - нашиот фокус и цел мора да остане ЕУ. Треба да се заложиме за зајакнување на капацитетите на институциите кои работат на превенција и рано откривање на корупцијата, за да спроведат успешни истраги и гонење на сторителите. Ова ни е висок приоритет на агендата во процесот на пристапувањето кон ЕУ. Ние припаѓаме на демократскиот и слободниот дел на Европа и како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, ЕУ има голем интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има политичка стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички, безбедносен план. Повеќегенерациската борба за обединета Европа ќе продолжи со државите на Западниот Балкан и Источното европско партнерство и тоа ни дава силен реформски поттик, рече Ковачевски.

Според него, трансформацијата и напредокот на економијата во земјите од Западен Балкан е од огромна важност за подобар квалитет на живот за граѓаните.

-Но, подеднакво важни се и системските реформски процеси кои може единствено да ги постигнеме како членки на Европската Унијата. Тоа би значело суштински реформи за воспоставување на темелни европски вредности како владење на правото, почитување на човековите права, бидејќи единствено така довербата на јавноста во државните институции, судството, обвинителството, политичарите ќе биде поголема. Поажурна и поефикасна јавна администрација која правично, праведно и навремено ќе ги решава проблемите со бизнис секторот, подобар здравствен систем и поквалитетно образование. Северна Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели, како во одржување на добрососедски односи, така и во посветеноста за членство на земјата во Европската Унија. Нашата држава не само што ги споделува принципите на надворешната политика на ЕУ, туку има постигнато висок степен на усогласување со позициите на Унијата, што е потврда дека ја споделуваме и вредносната политика на Европската Унија, подвлече премиерот.

Тој се осврна и на економските придобивки од ЕУ кои, истакна, имаат широк опфат.

-Четирите столба предвидени за земјите од Западен Балкан ќе дадат можност да ги почувствуваме бенефитите на главниот двигател на економскиот успех – трансформациската моќ на европските интеграции. Овде говорам за економска моќ со учество на ЕУ во светската економија и трговија од околу 16 отсто. Само во 2021 година, ЕУ има извоз од 2,18 трилиони евра. Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува голема апсорпциска моќ и можност за економија од обем. Се проценува дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина е поголем за девет проценти токму како резултат на трговската и финансиската интеграција. Тоа во реални пари значи приближно 850 евра дополнителен годишен доход по жител. Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции, потенцира премиерот.

Гледајќи низ објективни показатели, додаде, Северна Македонија во последните неколку години, со отворената европска политика на оваа Влада, ја одржа економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш.

-Во изминативе 5 години Северна Макеoднија е носител на позитивни политички и економски текови, обезбедуваме можности за стопанството, бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, поврзување на нашата земја со целиот регион, со капитални инвестиции во патната инфраструктура се отвораат нови европски рути. Нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Ќе направам неколку споредби, со членството на Северна Македонија во НАТО, овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар. Стапката на невработеност за разлика од 2016 кога беше речиси 24 проценти, денес е намалена на 14,4 отсто. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5 отсто. Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со ковид 19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година, рече Ковачевски.

Премиерот ги спомна и инвестициите во ТИРЗ кои, потсети, во 2016 изнесуваа 600 милиони евра, додека во 2023, заклучно со денес, се две милијарди евра.

-Ако во тоа време изнесувале 600 милиони евра, денес само во една година новите договорени инвестиции се на ниво од 1 милијарда евра. За споредба, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 20.175 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме.Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22 000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува скоро 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во сечиј домашен буџет во државата. Прв пат донесовме и системско решение за раст на пензиите. Просечната пензија е зголемена за 40 отсто, во однос на тоа што беше во 2016 година, просечната пензија изнесуваше околу 13.700 денари, а денес во 2023 година таа изнесува над 19.000 денари. И следува ново покачување кое ќе се случи во септември и повторно ново кое ќе се случи идниот март во 2024та година. Нашите пензионери се вградиле во оваа држава и заслужуваат достоинствен и пристоен живот, во блиска иднина, во држава-членка на ЕУ, нагласи Ковачевски.

Во врска со членството во ЕУ, тој напомена дека економските бенефити ќе бидат огромни.

-Бројни истражувања кои се направени години наназад покажуваат дека најголемото незадоволство на граѓаните кои живеат во регионот на Западен Балкан, е поради економската состојба, двоцифрените стапки на невработеност, голем одлив на високо и ниско квалификувана работна сила. Ние мора да ја донесеме Европа тука и така да бидеме препознаени, како нова достоинствена и почитувана членка. И сега се наметнува прашањето - Какви би биле економските ефекти од членството во Европската Унија? Тоа во првите 5 години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти. Пораст на БДП во износи од 80 до 90 отсто, зголемен број на работни места. За 30 до 40 отсто зголемен број на малите и средните претпријатија. Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата. Пред два дена мојот хрватски колега Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска за десет години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус. Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од 17,3 проценти во 2022 стапката на невработеност на Хрватска е симната на 6,7 отсто, рече Ковачевски.

Го посочи и примерот со Полска.

-Членството во ЕУ донесе бенефит и за Полска која во ЕУ влезе уште во мај 2004 година со стапка на невработеност од 19 отсто, во 2022 во Полска невработеноста е на 2,6 проценти. Во однос на странските директни инвестиции, тие во просек се зголемени за 28 отсто и тоа во првите 5 години од членството. Романија има 7 милијарди евра странски директни инвестиции на годишно ниво. Малта во овој поглед има најизразен раст, од 400 милиони годишно, пет години по членството во Малта влегле странски директни инвестиции од 21 милијарди евра, рече Ковачевски.

Премиерот заклучи дека членството во ЕУ има придобивки и зачително влијание врз економскиот раст и трговија, врз учеството во царинската унија на ЕУ, врз намалувањето на трговските бариери и врз зголемувањето на конкурентноста.

-Членството во ЕУ значи и финансиска помош за намалување на економските разлики меѓу земјите-членки. Со овие средства се финансираат инфраструктурни проекти, регионален развој и разни иницијативи за стимулирање на економскиот раст. Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) и Европските структурни и инвестициски фондови (ESIF) кои се поддршка за земјоделството, руралниот развој, истражување и иновации и други сектори, подвлече Ковачевски. мч/вј/

Фото: Влада

Остани поврзан