• недела, 24 ноември 2024

Ковачевски од Вилнус: Безбедноста и стабилноста на Западен Балкан зависи од брзата евроатланска интеграција на регионот

Ковачевски од Вилнус: Безбедноста и стабилноста на Западен Балкан зависи од брзата евроатланска интеграција на регионот

Вилнус, 12 јули 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи делегацијата на Северна Македонија на Самитот на НАТО во главниот град на Литванија, како што јави известувачот на МИА од Вилнус, денеска ќе учествува на двете сесии на Алијансата, а ќе одржи и билатерална средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.  

-Денеска продолжуваме со две други сесии, првата е со нашите партнери од индо-пацифичкиот регион тука со нас се присутни Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија на кои што ќе ги споделиме најважните аспекти на заедничкото делување во однос на обезбедувањето на мирот во светот во овој нов геополитички момент. На состанокот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет на кој исто така ние премиерите и претседателите, претствници од Западен Балкан ќе го реафирмираме и ставот за важноста на европските и евроатлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, меѓутоа и за ЕУ, вели Ковачевски пред средбите во Вилнус во изјавата објавена на неговиот фејсбук профил.

Втората сесија, како што посочи, се однесува на првиот состанок на Советот НАТО-Украина на кој што ќе се разговара подетално во однос на поддршката која НАТО ја дава на Украина, меѓутоа и за чекорите кои што ќе бидат направени во иднина се со цел поголемо приближување на Украина кон НАТО.

-Вчера бевте информирани од генералниот секретар дека веќе е донесен нов план во однос на приближувањето на Украина. Тоа што беше пристапување во два чекори сега е во поедноставена процедура и дека наредите чекори и одлуки ќе зависат од консензусот на земјите членки како и од ситуацијата на теренот, рече Ковачевски.

Премиерот уште еднаш ја повтори оценката дека ова е исклучително важен состанок, кој доаѓа во важен момент кога практично се води војна во Украина. 

-Најпрвин сакам да изразам големо задоволство од вчерашниот состанок, од првата сесија, на која како што и беше очекувано се потврди единството во НАТО Алијансата. При тоа сите го поздравивме влегувањето на Финска како 31 - ва членка и чекорот кој што е направен пред финално влегување во Алијансата на Шведска. Исто така, беа донесени многу важни одлуки. Првата во однос на продолжувањето на поддршката на Украина, второ во однос на подготовката на безбедносни планови на регионално ниво во однос на финансирањето при што беше донесена одлука за два проценти од БДП да биде минимум одвојување за одбраната од кои 20 проценти најмалку да бидат за модернизација. Исто така, голема одлука беше донесена и во однос на проширувањето на соработката на НАТО земјите во делот на сајбер безбедноста и во делот на хибридните закани што ги гледаме околку нас, потенцира Ковачевски.

Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски се и министрите за одбрана и за надворешни работи Славјанка Петровска и Бујар Османи.

Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави или влади и над 150 високи официјални претставници присустуваат на дводневниот самит.

Самитот се одвива под зајакнати мерки за безбедност. За негово обезбедување се задолжени 12 илјади припадници на различни безбедносни структурки. Околу четири илјади војници го обезбедуваат настанот, од кои околу илјада се испратени од 16 членки на Алијансата.

На Самитот на НАТО во Вилнус се акредитирани над илјада новинари и медумски работници. ац/вг/

 

Остани поврзан