• четврток, 26 декември 2024

Ковачевски за МИА: Гласот во Собранието за уставните измени е практично глас за Европа

Ковачевски за МИА: Гласот во Собранието за уставните измени е практично глас за Европа

Братислава, 31 мај 2023 (МИА) - Уставните измени се една од обврските и одлуките коишто ние треба да ги донесеме на патот до полноправно членство во ЕУ и затоа јас велам дека гласот во Собранието е практично глас за Европа, изјави денеска за МИА премиерот Димитар Ковачевски по средбата со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, одржана на маргините на Глобалниот безбедносен форум Глобсек 2023 во Братислава.

- Ние за полноправното членство во ЕУ себеси си имаме зададено рок до 2030 година, ќе направиме и низа други реформи за коишто се потребни две третини или квалификувано мнозинство во Собранието и тоа реформи во економскиот сектор, реформи во правосудниот сектор, реформи во образовниот сектор и во многу други сектори, коишто ќе го унапредат нашето општество и да можеме кога ќе влеземе во ЕУ да бидеме на ниво на земјите членки на ЕУ, потенцира Ковачевски.

Средбата со Фон дер Лајен, премиерот Ковачевски ја оцени како исклучително значајна и продуктивна. 

- Таа на состанокот јасно кажа дека се залага за интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со тоа што потврди дека е претседател на Европската комисија, којшто држи до својот став и којшто држи до обврските коишто Европската комисија ги има преземено со преговарачката рамка, а тоа е дека македонскиот јазик е веќе официјален во ЕУ преку потпишување на договорот со ФРОНТЕКС на којшто и таа самата присуствуваше, договор којшто е одобрен од сите членки на ЕУ и договор во којшто македонскиот јазик е заедно со сите други јазици на ЕУ, изјави Ковачевски за МИА по средбата со Фон дер Лајен.  

Ковачевски посочи дека на средбата со Фон дер Лајен разговарале и за претстојната одлука што треба да се донесе во нашето Собрание и дека ја информирал за процедурата која што веќе е почната.

- Се согласивме дека е тоа процес којшто треба да заврши согласно со преземените обврски со преговарачката рамка и дека е практично еден од чекорите за исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ, која што недвосмислено и силно е поддржана и од претседателката на Европската комисија, и од ЕУ, и од Европскиот совет и секако од САД, нашите стратешки партнери, изјави Ковачевски, нагласувајќи дека и ЕУ и САД имаат практично исти став во однос на тоа дека Северна Македонија треба да стане членка на Унијата.  

Премиерот Ковачевски, во рамки на форумот ќе има средба и со францускиот претседател Емануел Макрон, на која, повторно во фокусот ќе биде важноста од нашето членство во ЕУ. 

Ковачевски, исто така, нагласи дека е почестен што по втор пат е дел од оваа значајна конференција Глобсек, која што практично е една од поголемите европски конференции за безбедност и надворешна политика и особено што доаѓа во овој момент на голем предизвик за европскиот континент, во време на војната што се случува со инвазијата на Русија врз Украина. 

- Бев дел од панелот којшто беше посветен на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ заедно со премиерот на Албанија, Рама, на којшто навистина отворено разговаравме за сите предизвици коишто се пред нас, меѓутоа и за многу работи коишто веќе ги имаме направено во делот на реформите, во делот на унапредувањето на системот во сите држави на Западен Балкан, меѓутоа особено во Северна Македонија и во Албанија, бидејќи јасно се гледа дека тоа се две држави коишто се, би рекол, чекор пред другите држави. Прво, ние сме двете земји членки на НАТО, заедно со Црна Гора, и земји коишто веќе имаат отворено преговори со ЕУ, изјави Ковачевски. 

Втора клучна тема, посочи Ковачевски, е економскиот развој и практично намалување на разликите коишто постојат помеѓу земјите членки на ЕУ од ЈИЕ и земјите од Западен Балкан, каде што, како што нагласи, се разговара за начините за зголемување на инвестициите коишто би биле во нашиот регион и за начинот на зголемување на финансиските средства коишто ЕУ и досега ги има давано во делот на реформите, меѓутоа и во делот на изградба на инфраструктура во земјите од Западен Балкан. аа/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан